Собранието ги донесе законите за аболицијата и за „бомбите“

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 102. седница, со 63 гласа „за“, без воздржани и против го донесе Законот за дополнување на Законот за помилување.

Со овој Закон на претседателот на државата му се дава можност да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој Закон при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.

Со дополнувањето на овој Закон лицето за кое е донесена одлука за помилување ќе има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување, а претседателот е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето да ја поништи донесената одлука.

Донесен законот за „бомби“

Пратениците го донесоа и Законот за заштита на приватноста по скратена постапка, со кој се утврдува заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година.

Со Законот се утврдува забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите кои претставуваат повреда на приватноста, на личниот и семеен живот. Со Законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки, пренесе МИА.

Донесени и други закони

Со 65 гласа „за“, без воздржани и против, Собранието го донесе Законот за дополнувањата на Законот за заштита на личните податоци по скратена постапка, а кој предвидува уредување на обработката на личните податоци што се содржани во судските одлуки. Со предложеното дополнување на одредбата обработката на личните податоци што се содржани во Избирачкиот список ќе се врши под услови утврдени со Изборниот законик и на начин пропишан со прописите донесени врз основа на тој Закон.

Со 67 гласа „за“ на денешната седница е донесен и Законот за изменување на Изборниот законик по скратена постапка, со кој се предвидува допрецизирање на одредбата во членот 31 став 2 точка 28в во делот на обезбедувањето на електронски пристап до Избирачкиот список. Со предложените решенија во Изборниот законик ќе се овозможи ДИК да обезбеди електронски пристап до Избирачкиот список согласно со овој Законик и на начин пропишан со прописите донесени врз основа на овој Законик.

Сите овие четири закони беа поднесени од пратениците Талат Џафери и Илија Димовски.

Од денешната седница останаа да се разгледаат уште Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за управните спорови и Предлог законот за изменување и дополнувања на Законот за општата управна постапка, двата по скратена постапка. Овие закони, како што рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе бидат разгледани штом ќе се создадат деловнички услови, бидејќи се носат со двотретинско мнозинство. Продолжението на 102. седница Вељаноски рече дека дополнително ќе го закаже, пренесе МИА.

На денешната собраниска седница не беа присутни пратниците од СДСМ и ДПА.