Собранието го донесе ребалансот на Буџетот

Собранието во понеделникот попладнето со 67 гласови „за“, седум „против“ и без ниту еден воздржан, го усвои ребалансот на Буџетот за 2024 година.

Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари што е 2,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или за 5,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.

Како што рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците, ребалансот е обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика.

„Треба да се обезбеди ликвидност, исплата на зголемени пензии, права на вработените и доспените обврски кон стопанството“, истакна Димитриеска Кочоска.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го повторија партискиот став, дека со ребалансот се обезбедуваат средства за плати, пензии, студентски оброк и стипанедии, земјоделски субвенции, средства за општините, за сервисирање на долговите, за спортистите,…

Ребалансот е обид да ги прераспределиме слабо или нереализираните средства, да го дочекаме крајот на годината во што понормална состојба, подвлекоа пратениците, обвинувајќи ја претходната власт за, како што истакнаа, расипничко трошење на народните пари.

Прв за збор во општата расправа на пленарната седница се јави Димитар Ковачевски кој кажа дека СДСМ и коалицијата нема да го поддржат ребалансот. Пратениците од Европски фронт, пак, ја напуштија седницата зашто беше симнат од дневен ред Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање.

Со Ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6%, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6%, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Додека врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП.

 Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето по Дополнетиот ребаланс истакна дека тој претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината,  со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите коишто имаат соодветна динамика.

 „Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која како што покажуваат податоците забележа слаби резултати во првата половина од годината“, рече министерката за финансии.

Според министерката ребалансот во целот не ги отсликува политиките на новата Влада, туку претставува најоптималниот начин да се надоместат пропустите и на некој начиј најавува по која линија ќе се води фискалната политика во наредниот период.

Ребалансот обезбедува дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ зоните, 1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор,  437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата до крајот на 2024 година година сукцесивно треба да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата.

 Исто така, ребалансот обезбедува 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари кои се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.

 Со Ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1 % од претходно проектираниот 3,4%, додека стапката на инфлацијае проектирана на 3,5%.

Седницата на која, покрај ребалансот на Буџетот, најавени се повеќе точки треба да продолжи утре во 12 часот