Собранието го донесе Законот за спорот за ГА-МА

Собранието денеска попладне ги одржа 29-та седница, како и продолженијата на 19-та и 20-та седница, на кои беа изгласни Законот за решавање на спорот за ГА-МА, Законот за инвалидски организации, како и одлуката за огласување на избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.

Предлог Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, беше повлечен.

Пратениците во продолжението на 20-тата седница денеска со 60 гласа „за“, 30 „против“ и без „воздржани“ го донесоа Закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба.

По гласањето, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, рече дека законот ги крши членовите 8, 52, 55, 68, 98 и многу други од Уставот и го повика претседателот на Републиката да не го потпише указот за прогласување на овој, како што рече, скандалозен закон.

– Најавуваме дека ќе поднесеме постапка за оценување на уставноста на овој закон, кој што за жал, луѓето од Владата немаа храброст да го потпишат затоа што знаеа дека ова законско решение е неуставно, па прво пробаа преку Државното правобранителство да го протнат и на крај го најдоа решението преку владејачкото мнозинство и овие 62 пратеници да го потпишат овој закон – изјави Мицевски.

Расправата по ова законско решение почна во петокот и траеше повеќе од 21 час за време на викендот.