![gasifikacija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/11/gasifikacija.jpg?resize=540%2C360&ssl=1)
По два дена расправа Собранието денес го донесе Законот за задолжување на Република Македонија кај Дојче банка и Ерсте банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот „ Гасификација на Република Македонија – фаза 1 – делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар“, по скратена постапка.
Со Предлогот се обезбедува заем од 90 милиони евра за финансирање на градбата на госоводот – делница Штип блок станица 5 Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар. Рок на отплата на кредитите се 7 години со вклучен грејс период од 3 години, со каматна стапка која ќе се пресметува како збир од 6м ЕУРИБОР + маргина од 450бпс.
Проектот предвидува изградба на инфраструктурни објекти и линиски дел на делниците Штип – Неготино – Битола дел 1 од Штип блок станица 5 до Неготино, линиски дел во должина од 36 километри, кој ќе се надоврзе до делницата Клечовце – Штип блок станица 5 чија изградба која е веќе во тек и дел 2 од Неготино до Битола во должина од 92 километри. Исто така и вториот дел Скопје – Тетово во должина од 76 километри. Изградбата се очекува да заврши во 2016 година.
Пратениците од мнозинството го оценија Предлог-законот како позитивно решение со кое ќе се реализира стратешки проект, додека опозицијата, која се изјасни против, смета дека е ново задолжување и побара овој проект да се реализира од постоечкиот буџет.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски закажа ново продолжение на 71-та седница утре напладне.