Собранието денеска ја започнува петдневната расправа за Дополнетиот предлог на буџетот за 2014 година.
Државната каса за следната година ќе изнесува 176,5 милијарда денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 243 милиони, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата од 3,3 проценти. Нивото на буџетскиот дефицит, според проекците, ќе изнесува 3,5 проценти.
Предлог-буџетот за 2014 година и беше доставен на Владата заедно со извештајот од Комисијата за финансирање и буџет за прифатените, разгледаните и поднесените амандмани. Во десетдневниот рок собраниската Комисија за финансирање и буџет прифати пет од поднесените 684 амандмани. Во рокот од десет дена за амандманската расправа Комисијата успеа да разгледа само 291 амандман.
На дневниот ред на седницата има вкупно 78 точки меѓу кои се и Предлогот за избор на членови на Судскиот совет и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита, на Законот за заштита на децата, на Законот за персоналниот данок на доход, на Законот за доаноците на имот и на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, сите во второ читање.