Собранието ќе ја продолжи конститутивната седница

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи конститутивната седница на која ќе се избира претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Парламентарните партии по тридневните состаноци во Собранието, во четвртокот постигнаа договор претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да биде од ВМРО-ДПМНЕ и се очекува на таа долност да ја извршува Илија Димовски.

Според претходно договореното од политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и именувањата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден чен.

Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата  за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.

На дневен ред на конститутивната седница е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија за чие изгласување потребни се 61 глас од вкупниот број на пратеници.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи изјави дека по внатрешните анализи, но и по консултациите со другите политички партии, е одлучено кандидатот на ДУИ, но и на парламентарното мнозинство за претседател на Собранието на Република Македонија, да биде Талат Џафери.

За СДСМ важно е првиот човек на Парламентот да има искуство, да го знае Парламентот и парламентарната демократија. Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за телевизија Канал 5 изјави дека Талат Џафери е еден од посериозните кандидати за претседател на Собранието на Република Македонија.

– Ние имаме наши кандидати. Партијата БЕСА има свој кандидат. Џафери е еден од посериознините кандидати затоа што од сите други кандидати поседува најголемо искуство во работењето на Парламентот и верувам дека има големи шанси тој да биде, истакна Заев.

Од Движењето БЕСА, пак, изразија резервираност околу изборот на Џафери за претседателот на Парламентот со оглед на тоа што не учествувале при договарањето на СДСМ и ДУИ. Нивниот портпарол за Телевизија 21 најави дека имаат свои кандидати.

И ВМРО-ДПМНЕ остави можност да излезе со свој предлог.