Предлог законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година, по скратена постапка во второ читање е на дневен ред на денешната 66. собраниска седница.
Владата минатата недела даде негативно мислење на предлог-законот за аменстија на сите осомничени, обвинети и осудени за 27. април, предложен од ВМРО-ДПМНЕ. За овој предлог закон ќе се расправа на собраниска седница.
Министерката за правда Рената Дескоска истакна дека законот што е во собраниска процедура на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е закон што е пресеопфатен, дава секаква амнестија, и Владата не смета дека тоа не е вистинскиот пат за решавање на ова прашање.
Амнестијата што беше опфатена во тој закон беше преширока, така што ставот беше дека евентуална амнестија и други прашања од тој тип треба да се решаваат во рамки на телото за помирување во Собранието, рече Дескоска.
Во однос на тоа како ќе се прави правна селекција за 27 април, со оглед на тоа дека сите се обвинети за терористичко загрозување, и дали ќе има преквалификација на делото за тие што ќе бидат амнестирани, Дескоска рече дека можат да се исклучат определени дела што не би биле опфатени со амнестијата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски пак рече дека негативно мислење од Владата за нивниот предлог-закон за амнестија за нив е очекувано, но додаваат дека има можност преку дебата со амандмани, тоа решение да се подобри.
Ние очекувавме дека ќе има ваков развој на настаните од причина што и самиот закон во моментот кога го поднесовме согласно собранискиот Деловник не беше ставен на првата седница односно беше одбиен од страна на мнозинството. Така што сето ова води кон еден заклулчок дека целата оваа фарса што се прави и недавањето поддршка за презентација на законот за амнестија е смислено сценарио од само една причина да продолжи агонијата на сите лица вклучени во процесите од 27 април, изјави Мицевски.