Собранието ќе расправа за законите договорени од партиите потписници на Пржинскиот договор

Собранието на Република Македонија денеска во 14:30 ќе ја одржи 113. седница на која на дневен ред се измените и дополнувањата на законите договорени страна на претставниците на политичките партии потписници на Договорот од Пржино во насока на подготовка на одржување на предвремени парламентарни избори и излез од политичката криза.

Станува збор за измени и дополнувања на Законот за внатрешни работи, на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за кривична постапка и на Изборниот законик. Законите ќе се носат по скратена постапка, а предлагачи се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Илија Димовски и Горан Сугарески, Артан Груби од ДУИ и Беким Фазлиу од ДПА.

За 11 часот, пак, е закажана 109. седница на која на дневен ред се поставување пратенички прашања. Седница за поставување пратенички прашања се одржува секој последен четврток во месецот.