Собранието ќе гласа за новиот состав на лустраторите

Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на на 11. седница, треба да се изјасни за новиот состав на Комисијата за верификација на фактите.

Согласно предлог-одлуката, за претседател на Комисијата за лустрација повторно се предлага Томе Аџиев, за негов заменик Асан Љума, а за членови Новица Велјаноски доктор на правно историски науки, Вецко Здравески, магистрант по политички науки од Кичево, Предраг Димитровски, дипломиран новинар од Скопје, Игор Лазаровски, дипломиран шумарски инженер од Скопје, Сашко Јанев, секретар на општина Неготино и магистрант по историја, Даут Даути, новинар од Скопје, Шпенди Винца, дипломиран социолог од Струга, Ристана Лалчевска дипломиран правник, како и Линко Бејзаровски, политоколог од Пласница.

На дневен ред на денешното продолжение на седницата се и Дополнетиот предлог закон за прекршоците во второ читање, како и предлог законите за изменување и дополнување на законите за внатрешни работи, за основно образование, за средно образование, за високо образование, за социјална заштита, за рибарство и аквакултура, сите по скратена постапка.

Пред пратениците е и Предлог законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за рехабилитација на магистралните и регионалните патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта, по скратена постапка.

МИА