Собранието лани одржало 30 седници на кои донело 349 закони

Собранието во текот на минатата година одржало 30 седници, од кои 18 редовни, осум биле за поставување пратенички прашања, на три седници имало обраќања на претседатели на парламенти од други држави, а една била посветена за обраќање на претседателот на државата. Донесени се 349 закони, од кои 97 по скратена постапка и три по итна постапка.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска на средба со новинарите го презентираше Извештајот за работата на Собранието на Република Македонија во 2013 година и неговата генерална оценка е дека е задоволен од работата на Парламентот.

Во однос на високата бројка на закони донесени по скратена постапка, Вељаноски рече дека немал овластување да ги врати законите што до него се доставуваат по скратена постапка од страна на предлагачите. Вели дека реално нема големо скратување на времето на носење на овие закони. Ако добро се пресмета, посочува, се добиваат 15 до 20 дена доколку еден закон биде донесен со скратена постапка, а не во редовна.

Лани не биле завршени три седница на Собранието. Една на која што е законот за бранителите, а останатите две имаат заостанати точки кои се однесуваат на составот на Лустрациската комисија и една ратификација.

Според Годишниот извештај, најдолга пленарна седница била 74-тата, која траела десет работни дена или 56 часа и 30 минути. Во работни часови најдолга била 72. седница – 65 часа и 15 минути, додека во континуитет најмногу траело петтото продолжение на 77. седница – 11 часа и 50 минути односно од 11:20 часот до 23:10 часот). Најкратка седница била 73-тата на која пратениците работеле само 10 минути. Времетраењето на сите 30 пленарни седници и на две кои беа заостанати од 2012 година е 77 дена или 480 часа.

Пратениците најмногу гласале на 77. седница каде имала 143 гласања, а најмалку на 59.- само три. Најмногу закони биле разгледани на 77. седница, вкупно 119.

На пленарните седници се разгледани вкупно 751 точки, од кои 597 закони, 86 одлуки, една уставна измена, две информации, четири програми, 24 извештаи, шест планови, 26 автентични толкувања, една завршна сметка, три стратегии и една измена на Деловникот за работа на Собранието.

Од вкупно 597 закони, донесени се 349, неприфатени седум, во прво читање 217, повлечени 13, а неразгледани девет. Од 349-те донесени закони, 34 биле ратификации, 215 закони по редовна постапка, 97 по скратена постапка и три по итна постапка.

На 304 закони предлагач била Владата, додека 11 биле предложени од пратениците.

Од 83 одлуки, осум биле на предлог на претседателот на Владата, исто толку на предлог на пратениците, една била предложена од страна на претседателот на Република Македонија, четири од Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, седум биле на предлог на Владата, 32 на предлог на Комисијата за прашања на избор и именувања и 23 од други овластени предлагачи.

Поднесени се вкупно 1.120 амандмани од кои 1.041 од пратениците, а 79 од комисии. Од вкупниот број поднесени амандмани усвоени се 445, отфрлени 595, а повлечени 80 амандмани.

На осумте седници наменети за поставување пратенички прашања во 2012-та биле поставени вкупно 138 пратенички прашања од кои 51 од областа на политичкиот систем, 44 за економскиот систем и 43 од областа на јавни дејности. Усно на самата седница биле одговорени 106 прашања, меѓу две седници биле поставени вкупно 44 прашања од кои две од областа на политичкиот систем, 20 од економскиот систем и 22 од областа на јавни дејности.

Најмногу седници во 2013 година одржала собраниската Законодавно-правна комисија – 64, а по неа следува Комисијата за финансирање и буџет – 141 сецница. Исто така, овие две работни тела на Собранието разгледале најмногу точки – ЗКП 652, а Комисијата за финансирање 113.

Во периодот од 1 јануари 2013 до 31 декември 2013, Собранискиот канал извршил вкупно 88 директни преноси на пленарни седници, со вкупно времетраење од 16.621 минути, како и 19 директни преноси на седници на Комисијата за финансирање и буџет, со вкупно времетраење од 7.780 минути. Собранискиот канал секоја година врши директен пренос на седниците посветени на носењето на буџетот за следната година.

Собранискиот канал емитувал снимки од вкупно 409 одржани седници на работните тела, со вкупно времетраење од 26.056 минута.

За следење на активностите на Собранието, вкупно се акредитирани 1.159 претставници на средствата за јавно информирање.

Одделението за односи со јавноста, покрај останатото, подготвува и испраќа бесплатен електронски весник за дневните активности на Собранието – моментално се активни 662 корисници кои го добиваат електронскиот весник, а во текот на 2013 година се подготвени и испратени вкупно 159 изданија од електронскиот весник.