Собранието попладнево, во рамки на 50-та седница, разгледа повеќе точки од дневниот ред, но за нив ќе се гласа дополнително зашто повеќето пратеници беа отсутни, поради обука надвор од главниот град.
Предлог- измените и дополнувањата на законите за минерални суровини, за државен пазарен инспекторат, за јавни претпријатија и за земјоделство и рурален развој, во прво читање, беа само дел од точките.
Пред Собранието беа и Годишниот извештај за работењето на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година, Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година, Финансиските извештаи на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година, како и Годишниот извештај за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Македонија во 2020 година.
Претпладнето, Собранието ја заврши расправата за Предлог-завршната сметка на Буџетот за 2020 која траеше два дена. И за овој предлог ќе се гласа дополнително.