Собранието утре ќе гласа за новиот состав на лустраторитe

Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 11. седница, ја заврши расправата по новиот состав на Комисијата за верификација на фактите.

Како што најави престедателот Трајко Вељаноски, за новиот состав на Комисијата ќе се гласа утре, по создавање на потребните деловнички услови, пишува „Република“.

Согласно предлог-одлуката, за претседател повторно се предлага Томе Аџиев, за негов заменик Асан Љума, а за членови Новица Велјаноски доктор на правно историски науки, Вецко Здравески, магистрант по политички науки од Кичево, Предраг Димитровски, дипломиран новинар од Скопје, Игор Лазаровски, дипломиран шумарски инженер од Скопје, Сашко Јанев, секретар на општина Неготино и магистрант по историја, Даут Даути, новинар од Скопје, Шпенди Винца, дипломиран социолог од Струга, Ристана Лалчевска дипломиран правник, како и Линко Бејзаровски, политоколог од Пласница.

 Составот предложен денеска, е комбинација од досегашни, искусни членови, но и од млади енергични кои имаат цел да продолжат со досегашното темпо на работа на Комисијата и уште повеќе, да ја подобруваат транспарентноста – рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во текот на дисксуијата.

Процесот на лустрација, напомена Димовски, е нешто зад кое ова парламентарно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ и сите други партии застапени во Собранието ќе стојат до крај.

Според него, поради СДСМ, Парламентот досега не можеше да собере двотретинско мнозинство неоопходно за какво било одлучување во врска со Комисијата за лустрација. Во македонското општество, оцени, постојат одредени групации луѓе кои се против лустрацијата како процес, но не се против законот, претседателот или членовите на Комисијата. Најчесто, за жал, токму оние за кои се докажа дека биле соработници на поранешниот систем, сега работат во невладините организации, медиумите, и ги користат своите позиции да прават кампањи против лустрацијата како процес. Тоа се изолирани групи
луѓе кои прилично добро проживеале во претходниот систем за сметка на своите роднини, пријатели, колеги, соседи,…

– Критиките кои доаѓаат од неколку центри во невладиното општество и медиумите се добра причина да се разгледуваат како забелешки, но не и доволна причина да не предомислат и да отстапиме од патеката што ја изоделе сите современи држави кои потекнуваат од истиот поранешен систем. Критиките се полезни, неколку пати ни дадоа и повод да го промениме Законот за лустрација во насока на подобрување на транспарентноста – посочи Димовски.

Владимир Ѓорчев се надоврза со констатација дека Комисијата за лустрација не беше излишна како што некој се обидува да претстави, туку напротив, потребна, иако задоцнета, за жал, 20 години.

 Комисијата има историска тежина. Македонските институции во независната македонска држава ја утврдуваат вистината. Се што порано беше јавна тајна, денеска е верифицирана од институциите на државата – истакна Ѓорчев.

До денес, додаде, се уште некој ги чувствува последиците од комунистичкиот режим. СДСМ е директен наследник на имотот платен од граѓаните, а практиките од 1948, 1950, 1955, 1970, 1975 година се повторуваа и во 95, 96, 97-ма.

– Со кодешење и извртување на тезите некои луѓе од поранешниот систем напредувале во животот, стекнувале имот, станови, деловни простории, …а репресираните, меѓу кои и син на еден од најдборите наши актери, има семејни последици. Потомците на кодошите имаат наследено општествена сопственост, а други не можат да закрепнат од семејното прогонство
поради желбата за независна Македонија, плуразлизам и демократија. Тоа е една од апсурдните работи, но добро е што Комисијата ги верификува фактите и ја востанови вистината, да видиме кој што бил во историски рамки – рече Ѓорчев.

Собранието во рамки на седницата ги донесе измените и дополнувањата на Законот за семејство, Законот за едношалтерски систем, Законот за регистрирање готовински плаќања, Законот за градење, Законот за катастар на недвижности,…., како и Законот за спортска академија.