Собраниската седница за утврдување на уставните амандмани за промена на Уставот согласно Договорот од Преспа почнува денеска и може да трае најмногу 12 дена.
Најдоцна до 12-ти декември Собранието ќе го изгласа текстот на четирите нацрт-амандмани на Уставот. Во оваа втора фаза се доволни 61 глас. Потоа, Владата има 5 дена за јавна дебата и 2 дена за да ги сумира забелешките, по што, во Парламентот амандманите ќе бидат испратени во форма на предлог.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека можно е оваа постапка да заврши побрзо бидејќи не е задолжително расправата по секој амандман да трае максимални три дена.
Ако на собраниските комисии немаше ништо сензационално, не очекувам да има ни на седницата. Предлагачот, односно Владата, потоа треба да организира јавна расправа и по завршувањето треба до Собранието да испрати извештај за да можат да течат следните рокови, објасни собранискиот спикер.
Следните чекори за менување на Уставот вклучуваат поднесување на амандмани на амандманите на Уставот, претрес на амандманите на уставните измени во две Комисии, одделно изјаснување на Собранието за секој амандман на уставните амандмани и седница на усвојување на уставните амандмани со двотретинско мнозинство.
Пратениците своето конечно изјаснување ќе го дадат околу 20 јануари, а Владата се надева дека за овие амандмани ќе гласаат повеќе од потребните 80 пратеници.