Претпладнево најпрво дискутираше мандатарот Зоран Заев.
„Се обврзуваме во време на криза минималната плата да ја задржиме на 14.500 денари и да ги помагаме граѓаниете и компаниите. По завршување на кризата Владата ќе се обврзе на 20 до 30 отсто раст на минималната и просечна плата. Наша цел е 20 илјади денари минимална плата до крај на мандатот. Во зависност од траењето на светската криза, се обрзуваме да оствариме раст од 4 посто“, изјави Заев.
Тој најави отворање разговор и носење со консензус одлука за даночната политика.
„Износот на нето инвестициите ќе бидат милијарда евра. Нивото на јавни инвестиции ќе порасне на две милијарди, а странските директни инвестиции на над една и пол милијарди. Домашните и странските инвестиции ќе ги поддржиме со 300 милиони евра од буџетот и 300 милиони од странските фондови“, изјави Заев.
Во расправата пред паузата, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека „сѐ што треба да знаеме за економските ветувања во експозето на мандатарот Зоран Заев е дека тој истиот рекол оти Фејсбук и Гугл чекаат да инвестираат во земјата“.
„Сметам дека оваа влада, само на денот на експозето може да има добри зборови за економијата. Единствено нешто што ќе се зголемува со секој ден, се цените, невработеноста и иселувањето. Власта е неспособна, ветува странски инвестиции, а не видовме ниту едно име на странска фирма инвеститор“, нагласи Милошоски.
Во однос на коалицијата и составот, Милошоски, рече дека „само ќе потсети на еден мега скандал во пензискиот фонд за кој објави Мила Царовска, како министерка за труд и социјална политика, а како виновник го посочи Артан Груби. „Сега истите тие ќе треба да соработуваат во оваа влада“, изјави Милошоски.
Тој додаде и дека во програмата на тогашниот мандатар во 2017 година, беше ветено дека ќе биде востановен кредитен правобранител, што ќе ги штити граѓаните.
„Наместо кредитен правобранител, ни се случи втор ТАТ, а министерката за финансии и блиските до неа да си ги повлечат парите. Затоа сметам дека оваа влада е економски неуспешна“, изјави Милошоски.
Претходно неговиот сопартиец Александар Николовски, оцени дека новата влада е составена од колација на лага и со мнозинство. Најави протести за нејзино соборување, оценувајќи дека ќе биде со најкраток мандат.
Во однос на економијата, нагласи Николовски, слушнавме многу ветувања,многу повеќе и од претходната влада, но малку се оствари.
„Не слушнавме ништо и во однос на можното вето од Бугарија за членство во ЕУ. Дали тоа значи откажување од македонскиот јазик и ќе се прави компромис со Гоце Делчев“, изјави Николовски.
На граѓаните, Николовски, им порача дека ќе се гледаат по градовите и селата, на протести, на кои, како што рече, ќе ја соборат оваа влада која ќе биде со најкраток мандат.
Костадин Костадинов, од СДСМ, пак, во реплика рече дека е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе бидат во опозиција со ваквиот однос и ширење на лаги.
Гледаме дека изборните ветувања не важат и затоа ова е коалиција на лага, оцени опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собрание за избор на нова влада, предложена од мандатарот Зоран Заев.
Дамјан Манчевски, пратеник на СДСМ, изјави дека крајниот резултат од овие избори е дека ВМРО-ДПМНЕ го доживува третиот пораз по ред.
„Целата ваша кампања е врз национализам и тоа немање на ставови, граѓаните го препознаа. Нервозата веројатно е разбирлива, по три порази, разбирливо ви бараат и оставка“, рече Манчевски.
За владата сигурно нема да гласаме, меѓутоа нормално ако има големи и нови аргументи од страна на мандаторот може да се предомислиме, меѓутоа не верувам. Досегашното искуство тврди дека тоа не може да се случи, изјави пратеникот Хаљум Снопче од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, пред почетокот на денешната седница на Собранието.
Пратеникот Снопче смета дека нема да се реализираат над 90 отсто од точките во владината програма за која што потенцира дека имале само два дена за подготовка за дебата.
„Имавме можност само два дена да ја прочитаме предложената програма од страна на мандатарот. Не знам дали е доволно бидејќи е опширна програмата. Има голем број точки. Со потполна одговорност и со сета моја скромност тврдам дека нема шанси да се реализираат над 90 отсто од предложените точки во програмата. Да имавме уште само два дена можност да се подготвиме, ќе ги напишев точка по точка сите над 90 отсто точки кои никогаш да се реализираат. Ние колку што можевме се подготвивме за денеска, ќе ги искажеме сите наши забелешки, ќе ги искажеме точките за кои сметаме дека не се возможни да се реализираат и да ги потенцираме точките што не се внесени, а би требало да се внесат во програмата итн, рече Снопче.