Сочувство за автобуската трагедија од САД, Русија, ЕУ, Албанија, Косово, партиски лидери…

Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мери Брнс изрази сочувство за жртвите во автобуската несреќа.

„Во име на американската амбасада сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на оние кои ги загубија своите најблиски и наша поддршка за повредените, како и до оние кои беа скршени од тага кога дознаа за овој трагичен настан“, напиша Барнс на Твитер.

Сочувство стигна и од американската амбасада во Софија.

Рускиот претседател Владимир Путин му прати писмо на Стево Пендаровски.
„Прифатете го моето најдлабоко сочувство во врска со смртта на граѓаните на вашата земја, вклучително и деца и младинци, предизвикана од сообраќајна несреќа во Бугарија“, напиша Путин.
А, во земјава, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изрази сочувство до семејствата на жртвите и брзо закрепнување за повредените.

„Во овие тешки моменти на тага и болка изразувам искрено сочувство до семејствата на оние кои ги загубија животите во трагичната несреќа во Бугарија и го молам Господ да им даде трпение на блиските, а повредените да закрепнат“, напиша Ахмети.

Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села наведе дека веста за трагедијата е шокантна.

„Уште поголема оваа трагедија ја прават информациите дека меѓу жртвите има и деца. Утеха и сила за семејствата на загинатите, деновиве сите ќе бидеме со нив и со повредените за кои се молиме што побрзо да закрепнат…“, напиша Села.

Претседателот на Албанија, Илир Мета, наведе:

„Голема и длабока тага за трагичната загуба на животите на нашите сонародници од Северна Македонија. Во овие тешки моменти изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и властите на соседната земја, а на преживеаните им посакувам брзо и целосно закрепнување.“

Албанскиот премиер Еди Рама во објава на Фејсбук нагласи:

„Не постои збор за трагедијата на автобусот од Северна Македонија во Бугарија, каде животот го загубија речиси сите патници… Болка“, напиша Рама.

Лидерот на ДП на Албанија, Љуљзим Баша исто така изрази сочувство до семејствата на загинатите.

„Шокиран сум од страшната трагедија во Бугарија која предизвика загуба на толку многу животи, меѓу кои и многу наши сонародници и многу малолетници. Најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Господ да ви даде сила да се соочите со оваа страшна болка“, напиша Баша.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, испрати порака со утеха до семејствата на загинатите.

„Република Косово пред само кратко време доживеа ваква трагедија и добро знае колкава е болката, но и потребата да се реагира брзо, па ќе останеме блиску до нашите пријатели во овие тешки моменти за нив“, напиша Османи.

Косовскиот премиер Албин Курти наведе дека Косово е подготвено да ја понуди својата помош.

„Република Косово изразува сочувство до Северна Македонија, нејзиниот народ и сите Албанци шокирани од оваа страшна вест и ја изразува својата целосна подготвеност да ја понуди својата помош во секој капацитет“, напиша Курти.

Слични телеграми испратија и од Европската комисија, од Турција, Германија, Србија, Црна Гора, Словенија, Франција, Холандија и други држави.