Социјалните медиуми, македонскиот трагичен информативен пејзаж

Велат дека зборовите можат да бидат како мали дози на арсен: ги голтаме незабележано, се чини дека немаат никаков ефект, а потоа по некое време ја чувствуваме нивната токсичната реакција. Токму тоа ни се случува денес. Социјалните медиуми станаа импровизирана „казнена експедиција“ за тролањето, вознемирување, навредување и лични закани, ширење лаги најчесто спонзорирани од државата, за да ги нападнат политичките противници, или неистомисленици. Социјалните медиуми станаа игралиште на авторитарците, политичкиот шљам и криминалците. И нереализираните, исфрустрирани поединци. Фриленсери на глупоста.

Не можев да замислам колку трагичен ќе стане македонскиот информативен пејзаж. А, можеби можев, потсетувајќи се на изјавата на Министерот Чокревски од крајот на деведесетите: дека некои новинари се во административен брак со МВР. И мислам дека тоа е дел од големата слика за оваа власт. Бракот остана, се сменија младоженците. Остана и сомневањето во врска со интегритетот на медиумите. Посебно на социјалните, зашто оние другите може да се избројат на прсти.

Социјалните медиуми во моментов функционираат како еден вид пародија на класичниот „пазар на идеи“ на јавниот плоштад. Наместо најдобрите идеи да победат во слободна дебата, има толку многу лоши идеи што добрите едноставно се дават во напливот од другите. И никој не успева, а за волја на вистината, не сака да покаже доволно одговорност дека на овој начин се загрозува концептот на слобода на говор и изразување. А, и зошто би. Кога политиката си доби евтина алатка за манипулација и отстрел на противниците.

Посебно кај нас. Манипулацијата со социјалните медиуми се влошува со оваа власт: како што повеќе владата ги користи социјалните медиуми за манипулирање со јавното мислење, тие стануваат закана за демократијата одвнатре. Наместо да создаваат простор за јавно размислување и демократија, платформите за социјални медиуми ја зголемуваат содржината што ги задржува граѓаните зависни, дезинформирани и лути. Токсичните пораки на социјалните мрежи станаа нови алатки за манипулација и застрашување, кои се шират брзо. Непропорционално им служат и ги засилуваат авторитарните тенденции на секоја власт. На оваа посебно.

Авторитарна власт не победува само со ширење на сопствената порака; таа победува зголемувајќи ја политичката апатија и поткопувајќи ја довербата во сопставените институции, правејќи ги граѓаните рамнодушни кон демократскиот јавен дискурс, или активно непријателски расположени кон политичките опоненти. Оваа власт низ социјалните медиуми ја поткопа идејата за вистината во политиката. Ширењето на дезинформации стана нејзиниот нужен сребрен куршум за победа на изборите. А, кога не биле. Сепак некои луѓе во оваа држава сеуште имаат сеќавања.

Социјалните медиуми се како одраз на лик во соба полна со криви огледала. Вистината секогаш добива нова форма, неочекувана. А, лагите?! Лагите се шират како шумски пожар низ социјалните мрежи, контаминирајќи ја и заробувајќи ја вистината.

Постојаното цунами од информации во реално време создаде совршено опкружување за ширење на лаги, теории на заговор, гласини и „протекување“ на информации. Лагите се шират значително подалеку, побрзо, подлабоко и пошироко од вистината во сите категории на информации. Старата „добра“ УДБА во ново технолошки напредно пакување. Неоснованите тврдења и наративи стануваат вирални, додека напорите за проверка на фактите за вистината стигнуваат предоцна. Во меѓувреме, свежите скандали, или туѓите тврдења ги мешаат фактите со фикција. Уште полошо, обидите да се уништат гласините преку директно негирање може да бидат контрапродуктивни во одредени околности и да го олеснат нивното ширење со зголемување на флуентноста.

Со други зборови, обидите да се демантираат невистините може иронично да придонесат за нивно натамошно ширење, па дури и прифаќање. Полесно е да се шират дезинформации на социјалните медиуми, отколку да се демантираат, и полесно е да се разгорат социјалните поделби отколку да се поправат. А, граѓаните стануваат уморни во потрага по вистината. Моментот кога ќе го сторат тоа, лажните вести веќе станале дел од колективната свест.

За жал, овие платформи на социјалните медиуми кои некогаш се сметаа за сојузник на демократијата, се’ повеќе стануваат нејзин непријател. Гледаме како власт со авторитарни тенденции, рамнодушна кон демократските норми има корист од нив, особено во бришењето и менувањето на сеќавањето за некогашната држава што ја продаде. Затоа социјалните медиуми треба да генерираат еден вид фатализам, парализа и апатија кај граѓаните, за се’ што се случи и ни случува со оваа власт.

Поминаа деновите кога огромното мнозинство на корисници имаа позитивни чувства за социјалните медиуми. Гласини, лаги и губење време. Повеќето корисници ја изгубија довербата во социјалните медиуми. Социјалните медиуми, онака како што се користат денес полека се трансформираа во авторитарен медиум. Идеални за власт која се помалку се чувствува комотно во сопствената кожа.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес