Социјалните партнери ги најавија новините во новиот закон за работни односи

Унапредување на работничките права, зајакнување на социјалниот дијалог и колективно договарање, треба да овозможи новиот закон за работни односи за кој повеќе од година и пол разговараат социјалните партнери – државата, работодавачите и синдикатите. Законските одредби треба да бидат усогласени со европските и светски стандарди, но и јасни и прецизни и договорени низ дијалог со цел да можат да се применуваат и почитуваат.

-Синдикатот се залага за договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови со траење до една година, за 38 часовна работна недела, за породилно отсуство до 12 месеци, почитување на уредувањето на платите со закон, но и со колективен договор, за целосно остварување на правото на годишен одмор и почитување на конвенциите за слобода за синдикално организирање, унапредување на колективното договарање и социјален дијалог на сите нивоа, рече претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, на прес конференција со премиерот Зиран Заев, министерката за труд и социјала Мила Царовска и Лука Винсентини, генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати.

Министерката Царовска истакна дека размислувањата на европските и светски синдикални движења одат во насока на баланс, да се заштитат работничките права, но и да се постави флексибилност на пазарот на труд што е важно за економскиот раст.

Таа појасни дека во изминатите година и половина се разговара за овој закон и со синдикатите, но и со организациите на работодавачи за тоа какво подобрување на работничките права е потребно, а вклучени биле и академската фела и стопанските комори, иако законски тие не се дел од партнерите за социјалниот дијалог.

-Потребни се уште неколку нивоа дискусии за да се договорат големите или стратешките прашања кои овој закон ги решава, европски и усогласен со европските директиви. Кога ќе биде постигнат конечниот договор тоа ќе го соопштиме заедно со нашите партнери, рече Царовска.

Според неа, ширината на Организацијата на работодавачи и на стопанските комори била на завидно ниво, затоа што се смета дека инвестирањето во работникот во овој период на развој на нашата држава е неопходно за квалитетните работници да останат тука да работат и да бидат попродуктивни.

Премиерот Зоран Заев посочи дека договорањето за овој закон е само уште една од активностите на Владата за унапредување на правата на работниците и подигнување на нивниот стандард.

-Капитал факторот треба да споделува повеќе профит со работниците, кои така ќе бидат попродуктивни, но и ќе враќаат со повеќе трошење, плаќање давачки кон државата, со обезбедување поквалитетен живот..Фер распределбата за сите чинители во општеството и економијата, ќе ја направи нашата земја подобро место за живеење, а и ќе ги мотивира младите да останат овде да создаваат семејства и да градат кариера, рече Заев.

Со новиот закон, додаде тој, треба да се најдат решенија за сезонската работа, за работата од дома и домашната работа, за работа на определено време и работата од далечина, еднаквиот третман на мажите и на жените, регулација за ноќната работа, дискриминацијата, еднаква плата за работа со еднаква вредност, …

Според него, вградување на директивите на ЕУ и на Меѓународната организација на трудот, МОТ, ќе овозможи законот доследно да се применува и почитува.

Лука Винсентини, генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, рече дека државата направила многу за работниците во изминатиот период особено со зголемување на БДП и на минималната плата, но дека тоа се уште не е доволно.

– Треба да се понудат квалитетни работни места за младите, со цел тие да не ја напуштат државата, но и исто така и платите да бидат на соодветно ниво затоа што имате минимална плата што е на пониско ниво отколку што изнесува потрошувачката кошничка. Исто така она што е битно е почитувањето на колективното договарање особено во приватниот сектор, рече тој.

Додаде дека треба да се задржат позитивните работи во постојниот закон, да се зајакне колективното договарање и социјалниот дијалог и да се земе предвид јазот со европското законодавство. „Државата треба да побара од инвеститорите во земјава да овозможат почитување на работничките права, онака како што тоа го прават во нивните земји“, рече Винсентини.