Пред почетокот на новата учебна година Општина Кисела Вода повторно излегува со сет мерки за субвенционирање на социјално загрозените деца од училиштата и градинките од овој дел на градот. Оваа локална самоуправа ќе ги субвенционира месечните сметки за дневниот оброк во продолжен престој во општинските основни училишта, а средства за субвенции се обезбедени и за целодневниот престој на деца од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки во општина Кисела Вода. Станува збор за деца од еднородителски семејства и самохрани родители, деца сместени во згрижувачко семејство, деца под старателство, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства корисници на гарантирана минимална помош, деца од семејства со ниски приходи, материјално-необезбедени семејства, семејства чии вкупни месечни приходи не го надминуваат износот на минималната плата по вработен…
– Сакам да информирам дека во насока на заложбите за создавање еднакви можности за сите деца и оваа година обезбедивме субвенционирање на месечните сметки за дневниот оброк во продолжениот престој во општинските основни училишта, како и средства за субвенции за целодневниот престој на децата од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки.
Оваа мерка е посветена на децата од еднородителски семејства, самохрани родители, деца сместени во згрижувачки семејства и деца под старателство, како и за сите други социјално-ранливи категории.
Нашата цел е да креираме образовни установи каде што децата ќе се надградуваат и натпреваруваат во знаење, без да се грижат за меѓусебните финансиски разлики. Затоа, покрај субвенционирањето на оброците и престојот во градинките, обезбедуваме и бесплатни ранчиња за сите првачиња, како и бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта. Грижата за нашите деца не запира тука. Продолжуваме со имплементација на многу други проекти кои ќе ги објавуваме тековно. Општина Кисела Вода е посветена на создавање подобри услови за сите свои жители, особено за најмладите-изјави градначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Сите критериуми и потребната документација за остварување на овие права ќе бидат достапни на веб страницата на Општина Кисела Вода во наредниот период, кога ќе биде објавен и јавниот повик за аплицирање.