Социјалната помош месечно ќе изнесува 11.700 денари

Со реформите на системот за социјална и детска заштита, коишто започнуваат од почетокот на следната година се воведува минимален гарантиран износ на социјалната парична заштита, кој за повеќе од 70% од корисниците на социјалната помош е зголемување за над 300% или три пати повеќе од тоа што досега го добивале.

Од почетокот на следната година, четиричлено домаќинство во социјален ризик со едно работно неспособно лице ќе има можност да добива месечен надоместок од 11.700 денари, изјави денеска премиерот Зоран Заев на денешната прес – конференција заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Според Заев новиот систем на социјална и детска заштита ќе придонесе за извлекување на најранливите граѓани, но и на децата од сиромаштија. Реформата ќе подразбира и поддршка за комплетирање на образование на овие лица, со што тие ќе стекнат вештини и ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот.

Воведуваме европски стандарди на социјална заштита. Европа, почитувани значи солидарност и социјална правда. Колку повеќе се доближуваме до Европската Унија, поддршката за социјална заштита постојано расте. Европската социјална повелба ги гарантира социјалните и економските човекови права. Унијата вложува во унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани – реформа на системот на социјална заштита, унапредување на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, спречување на маргинализацијата од секаков вид, значително унапредување на правата и заштитата на работниците и поголема инволвираност во сите овие прашања на социјалните партнери и граѓанското општество, појасни Заев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека реформата целосно ќе ги преобрази системите на социјалната и детската заштита и во исто време ќе ги извлече од сиромаштија најранливите категории на граѓани.

Инвестирањето во човечкиот развој има клучна улога во економскиот успех на нацијата. Во градењето на способна и продуктивна работна сила како и во минимизирање на социјалните проблеми. Затоа со оваа реформа не само што го зголемуваме надоместокот, туку истовремено вложуваме во преквалификација на лицата кои се невработени за да може да се активираат на пазарот на трудот. Секое дете ни е важно. Се грижиме за сите деца, и за децата на приматели на социјална помош и за децата во домаќинствата со ниски примања- за сите нив предвидуваме детски и образовни надоместоци, рече меѓу другото Царовска.

На денешната прес – конференција, министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, истакна дека обврска на Владата на Република Македонија е да посвети значителен дел од државниот буџет за намалување на сиромаштијата на возрасните, но и на децата во земјата.

За воведување на реформиран систем на социјална и детска заштита во 2019-тата година, потребно е да се обезбедат дополнителни 2,2 милијарди денари. Со зголемување на средствата за оваа намена сакаме да обезбедиме доволно за сиромашните граѓани. Со оваа промена ќе бидеме сигурни дека нема да има гладни деца во Македонија. Ќе има придобивки за приватниот сектор и за економијата. Тие ќе бидат многукратни, секако ќе се зголеми потрошувачката на граѓаните и тоа на најранливите групи на граѓани, рече Тевдовски.