Можам да кажам дека тие постапиле правилно, таа постапка е како по книга. Тука, апсолутно полицајците имаат поддршка. Апелирам до граѓаните секој еден којшто сака да го изрази својот револт може да протестира и да протестира мирно. Меѓутоа, никако не смееме да дозволиме да имаме напад на полицајците, заради тоа што е напад на државата, ниту, пак, да дозволиме напад на некои од институциите и да ни се повтори нов 27-mi април, тоа во ниту еден момент нема да го дозволиме ние како МВР, изјави Спасовски.
Ова е изјавата на министерот за внатрешни работи во врска со протестите на граѓаните пред Собранието на Република Македонија, со којашто ја правда интервенцијата на полицијата со употреба на шок бомби и солзавец.
На денот кога беше потпишан договорот Ципрас – Заев, граѓаните, исто така, протестираа пред Собранието. Наредниот ден, на една од телевизиите, министерот за одбрана на Република Македонија, г-ѓа Радмила Шеќеринска, граѓаните што мирно протестираа против потпишувањето на договорот ги нарече платеници!
Дали нешто е поразлично и што е сменето од времето кога оваа позиција беше опозиција?!
Лично не верувам дека господинот министер Спасовски воопшто има прочитано „книга” за постапување на полицијата, особено не за тоа кога и како се постапува и како се употребуваат средства за контрола на немири. Тоа што министерот треба да го прочита и да го знае е дека полициските службеници не се глинени гулаби или кукли за да се воздржуваат од интервенција ако се исполнети законските основи и условите за тоа. Полицијата има обврска да интервенира секогаш кога се исполнети законските основи за тоа, секое одлагање на интервенцијата само ја усложнува состојбата, а полициските службеници дополнително ги изложува на ризици. Грижата за нив се води на таков начин, а не со воздржување од интервенција кога се исполнети сите законски основи. Ова како правило важеше и во времето кога траеше Шарената револуција и се демонстрираше пред Владата, важеше и за 27-ми април минатата година, а важи и сега.
Инаку, хемиските средства во теоријата уште се познати како „хумана замена за огненото оружје”, а во литературата може да се сретнат и како „средства за контрола на немирите” и се користат во случаи кога треба да се растурат насилни демонстрации, како и тогаш кога треба да се апсат опасни лица. Шок бомбите вообичаено се користат во случаите кога се лишуваат опасни лица од слобода и во исклучителни случаи кога треба да се растури опасна и екстремно агресивна толпа. Целта на шок бомбите е да влее паничен страв, да се добие претстава дека се дејствува со експлозивни средства, да се дезориентира толпата, како би можела полицијата полесно да се справи со неа – да ја растури на помали групи, да ги растера и најагресивните да ги уапси.
Министерот Спасовски вели дека полицијата цел час била напаѓана и мавана со мотки, каменувана со бекатон плочки, верувам од поединци кои се идентификувани (таква е тактичката постапка). Од тука се поставува прашањето: зошто полицијата благовремено не интервенирала, од кордон да се помине во формација на клин и да се извлечат агресивните од толпата?! На тој начин ќе им се овозможеше на останатите граѓани кои мирно протестираа пред Собранието и натаму да го остваруваат своето уставно право на мирни протести, а агресивните да бидат приведени. Во услови кога меѓу граѓаните кои протестираа има возрасни лица, жени, дури и луѓе што излегле со своите деца, да се употребат шок бомби, да се употреби солзавец и секако физичка сила и гумени палки е непримерна реакција и најмалку е по „книга”, без разлика од тоа кој и каде ја правел тактичката процена.
Ќе се повторам, напишаново важи подеднакво за настаните и протестите на ткн Шарената револуција пред Владата, важи за настаните од 27-ми април, како и за сѐ што се случува деновиве во врска со протестите против договорот Ципрас – Заев.
Така што тие што прават процени, без разлика дали станува збор за тие што претходно беа позиција, или за овие што денес се позиција, редно е да прочитаат и некоја книга за постапување на полицијата, за тоа кога и како се применуваат полициските овластувања, особено оние за „контрола на немирите”, за да не дозволат полициските службеници да бидат „жртви” на неблаговремена интервенција, а не да прават гафови со „читање” по библиотеките од „К – 15″.
Што се однесува до квалификациите на министерот за одбрана г-ѓа Шеќеринска, дека граѓаните кои мирно протестираа биле платеници, не знам дали заслужува коментар. Дали министерот смета дека секој граѓанин мора да размислува како што размислува власта?! Дали секој граѓанин што ќе го манифестира своето поинакво мислење е непријател и нечиј платеник?! Чиј тоа платеник?!
Нема никаква разлика во вокабуларот на властите и етикетирањето на граѓаните – неистомисленици, тие претходните велеа дека Сорос ги плаќал „шарените“, ги етикетираа како „соросоиди“, сега министерот без око да ѝ трепне етикетира – „платеници…“ – Зошто? Затоа што не го прифаќаат договорот со кој Република Македонија е преименувана, а нејзините граѓани станаа некаков описен сурогат, за кои Ципрас отворено вели – секаде ќе се водат и сите ќе ги именуваат како граѓани на Република Северна Македонија, а никој, освен сабите себеси како Македонци.
И покрај тоа што многу ретко имавме можност да го видиме министерот за одбрана меѓу нас „шарените“, се прашувам дали заклучокот за „платеници“, можеби, е извлечен од некакво сопствено искуство…, и покрај тоа што никој од тие што ги познавам а секој ден беа меѓу „шарените“ знам дека никој и од никого нема земано ниту денар.
За крај, очигледно е дека кој и да дојде на власт, инсистира на едноумие, инсистира на беспоговорна покорност кон политиките што таа ги промовира, што во секој случај не е смисла на плурализмот и е спротивно на демократските принципи.
Нужно е институциите да се постават да стојат на нозе, а не да дубат на глава. Сепак, за тоа потребен е процес наречен професионализација, не препартизација, не е во прашање менување на бојата на чаршафите, во прашање е менување на менталната матрица на тие што работат во институциите, нужно е да прочитаат од книга и да знаат дека тие се во служба на граѓаните, дека граѓаните не одат и не им се обраќаат за да ги вознемируваат, да им го одземаат драгоценото им време, ниту, пак, одат таму на „баци раче“. Вработените во јавната администрација се заштитени со закон како бели мечки, но обврзани се, спроведувајќи го законот да бидат во функција на граѓаните, не во функција на партиите на власт.
Автор: Воислав Зафировски