![ekonomski-rast-640x402](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/12/ekonomski-rast-640x402.jpg?resize=640%2C402&ssl=1)
„Стандард и Пурс“ не оценува со ББ – со стабилен изглед, ниво кое го држиме веќе неколку години, иако во минатото имавме и ББ +.
Слободните економски зони ќе бидат генератор на економскиот раст, особено преку синергијата од соработката со локалните компании и добавувачи. Инвестициите и извозот ќе продолжат да се зголемуваат на среден рок, оцени „Стандард и Пурс“.
Кредитната агенција објасни дека Македонија има добри економски перформанси, но политичката криза кулминира.
Сепак, забележани се позитивни трендови. Невработеноста продолжува да се намалува (се проектира до 2020 година да падне на 21,5%), буџетскиот дефицит преку фискалната консолиција ќе се сведе на 2,2% до 2019 година, државниот долг е низок, банкарскиот сектор е добро капитализиран и профитабилен.
Фич: Македонија може и повеќе
Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на ББ, како резултат на добрата монетарна политика, како и солидната и прудентна макроекономска политика. Агенцијата за годинава ни прогнозира економски раст од 3,4%, како резултат на растот на извозот, јавните и приватните инвестиции.
Земјата, според економските перформанси и резултати заслужува и повисок ранг, но рејтингот само и’ се потврдува поради политичката криза, соопшти „Фич“.
Според оваа агенција, фискалната позиција на Македонија е над ББ рејтингот, јавниот долг е одржлив, дефицитот е адекватно финансиран, денарот е стабилен, а банкарскиот сектор е капитализиран и ликвиден.
Одлични оценки за бизнис – климата
Добра препорака стигна и од американската фондација „Херитиџ“. Македонија влезе во групата слободни економии, на 31. место од 186 држави. Земјава доби високи оценки за гарантирањето слободен пристап до својот пазар, за отвореноста за трговија и ниските даноци, за намалувањето на регулаторните бариери. Фондацијата објаснува дека Македонија ја подобрила регулаторната рамка и создала стабилно окружување за домашни и странски инвестиции, но политичката нестабилност оневозможува подинамичен раст на економијата.
Имам многу надеж за во иднина кога ќе се разреши политичката криза, а не се сомневам дека тоа ќе се случи, ќе одите напред и ќе продолжите на правите напредок, изјави авторот на извештајот, Тери Милер.
Македонија во рангирањето на фондацијата „Херитиџ“ за економските слободи има напредок од 47 места во споредба со 2006 година.
Светска банка, пак, во својот последен „Дуинг бизнис“ извештај за 2017 година ја рангираше Македонија во најдобрите 10 земји во светот и меѓу првите 5 земји во Европа според условите за водење бизнис.
„Овој континуиран напредок е резултат на напорна и на координирана работа при што се спроведоа над 30 системски реформи со кои им се олесни работата на сите оние кои водат некоја компанија, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки“, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
„Напредокот на македонската економија е можност за привлекување нови инвестиции во земјава. Високата позиција во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка е шанса за влез на големи корпорации и звучни индустриски гиганти. Граѓаните ќе го почувствуваат бенефитот со зголемувањето на стандардот кој ќе биде добиен од нови вработувања и раст на економијата“, објасни универзитетскиот професор Томе Неновски.
Народна банка: стабилни економски основи
Оценките за стабилноста на економските фундаменти и натаму се позитивни – соопшти Народната банка по последната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.
„Сигналите за стабилизација и натаму се присутни во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи“ – соопшти НБРМ.
Според првичните февруарски податоци, штедењето на населението се зголемува, има поволни движења на девизниот пазар, девизните резерви се на адекватно ниво.
Комерцијалните банки, пак, повторно го зголемиле износот на пласирани средства во расположливи депозити кај Народната банка.
„Растот на потенцијалната ликвидност на банките, којашто тековно е насочена кон расположливите депозити кај Народната банка, се одвива во околности на намалена кредитна побарувачка во последниот период, што е резултат на неизвесноста поврзана со политичката криза“ – соопшти Банката.
Ова е само потврда на она на што бизнисмените веќе подолг период предупредуваат.
„Политичката стабилност е предуслов за економската стабилност, за овозможување економски раст, кој во време на политичка криза беше тешко да се постигне, бидејќи компаниите ги замрзнаа вработувањата и планираните инвестиции“, објасни претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Податоците на Народната банка покажуваат дека кредитирањето се зголемува, но пред сè како резултат поизразениот пласман на средства кон секторот „население“. Во делот на штедењето повторно е регистриран раст кај секторот „население“, но намалени се депозитите на претпријатијата.
И Централната банка повторно ја испрати пораката – „ризиците од домашните политички случувања сè уште се присутни и изразени. Воедно, и ризиците од глобалното окружување се повторно актуелни“. Ова негативно се одразува врз македонските компании.
„Ако не беше кризата ќе постигневме многу поголеми профити и поголем раст на БДП“ – вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Народната банка информираше дека идните промени во монетарната политика ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент.