Сомалиските безбедносни сили ја завршија опсадата на хотелот во главниот град Могадишу, изјавил за Reuters воен офицер во неделата и додал дека сѐ уште се отстранува експлозивот расфрлан низ зградата.
Најмалку 12 лица, повеќето цивили, загинаа додека сомалиските елитни сили 30 часа се бореа со исламистичките милитанти поврзани со групацијата ал-Шабаб кои во петокот ноќта упаднаа во хотелот „Hayat“, популарно место меѓу пратениците и друг владини службеници.
„Сѐ уште ги истражуваме експлозиите на многу пластични вреќички кои биле расфрлани низ хотелот“, рекол Мохамед Али, воен офицер на место на настанот.
Агенцијата AFP претходно извести дека сите напаѓачи се убиени., повикувајќи се на претставник на компанијата која се грижела за обезбедување на хотелот.
Напаѓачите во петокот ноќта влетале во хотелот „Hayat“ со два автомобили-бомби пред да отворат оган од автоматски пушки. Нападот, за кој одговорноста ја презема ал-Шабаб, во петокот е првиот поголем напад во Могадишу откако претседателот Хасан Шеик Мохамуд ја презема должноста во мај.
Исламистичката група ал-Шабаб (Движење на младите муџахедини), за која се претпоставува дека има меѓу 5 и 9.000 борци, владините сили со помош на странските сили ја потиснаа од сомалиската престолнина Могадишу во 2011 година, а следната 2012-та и од Кисмају. Сепак, припадниците на оваа групација која порано беше поврзана со терористичката мрежа Ал Каеда, а последните години одржува врски со џихадистите од Исламската држава, и натаму напааѓаат владини и странски цели во Сомалија. Напади извршуваат и во соседна Кенија, како одмазда поради тоа што војската на оваа земја учествува во мировната операција на Африканската унија (AMISOM) во Сомалија so 20.000 војници на страна на владата во Могадишу.