Сомнителни тендери за одржување и реконструкција на улично осветлување во Гази Баба „испумпале“ 11 милиони денари?

Од денеска ќе отпочнеме со разоткривање на сомнителните и криминални зделки на градоначалниците кои што функционираа од СДСМ во претходниот мандат, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

– Општина Гази Баба. Ова е општина каде што општината работела за поединци во времето на СДСМ, парите на граѓаните завршувале нерационално во џебови кај луѓе кои најверојатно биле блиски до градоначалникот, а градоначалникот бил соучесник во целата ситуацијата на испумпување пари на граѓаните, практично без него ова не би можело да се случи кое што ќе го презентирам денеска. Кога велам испумпување, ама буквално мислам на испумпување на парите на граѓаните, од сметката на општината во нечии џебови. Денеска ќе претставам три договори пред граѓаните поврзани со уличното осветлување во Гази Баба, каде што 2 од нив се за одржување и реконструкција на уличното осветлување, а 1 е за изградба на нови линии за уличното осветлување – посочи портпаролот.

Арсовски открива дека претходниот градоначалник дека со сомнителен тендери „испумпал“ огромна сума на општински пари.

– Договори и тендер кои што ги спровел претходниот градоначалник Борис Георгиевски кој што беше од редовите на СДСМ. Имено, тендерот за оваа намена е објавен и спроведен, односно спроведен на 19 мај 2021 година каде што е донесено одлука за тендерот да го добие фирма економски оператор ЕЛЕКТРОМИКИЦА ДООЕЛ од општина Илинден. Имено, во периодот од 20 мај 2021 до 30 август 2021 година, се исцрпени овие три договори односно за само 103 дена во висина од 11 милиони денари, од кои 7 милиони денари за одржување на уличното осветлување, а 4 милиони денари за поставување на нови линии на улично осветлување. Среќниот добитник на овој великодушен тендер и на овие пари од градоначалникот на СДСМ Борис Георгиевски е фирмата ЕЛЕКТРОМИКИЦА ДООЕЛ Скопје, со управител извесен Миле Димовски.  Дневно, согласно овие договори, кои што се исцрпени за само 103 дена 11 милиони денари, дневно додека траела реализацијата, се трошеле 106.796 денари, што практично е неизводливо.

Арсовски јавно прашува како е можно за 103 дена да се потрошат 7 милиони денари за одржување и реконструкција на улично осветлување во Гази Баба, ако се земе в предвид дека за 103 дена треба да прегорат сите сијалици во Гази Баба и да бидат сменети?

– Според нашите информации, во овие 103 дена каде што требало да се изградат 15-тина нови линии во вредност од 4 милиони денари, за голем дел од тие линии каде што е исцрпен договорот фактичката состојба вели дека линиите се стари и нема инсталирано нови линии. Што е класичен пример на испумпување на пари.

За целата оваа операција да ја изведат за 103 дена и да испумпаат 11 милиони денари, потребно е да биле координирани градоначалникот, надзорот и економскиот оператор, односно оваа фирма која што според овие документи треба да има капацитет за работа како цела електродистрибуција, тврди Арсовски.