Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Владата на состанокот во понеделникот договорија зголемување на платите во образованието за 12 отсто, што претставува отстапување од првичното барање на синдикатите од 18,4 отсто.
СОНК преговара од март со Владата за исполнување на нивното барање за зголемување на платите за 18,4 отсто во дејностите што ги покрива СОНК – образование и детска заштита.
Бараше, исто така, усогласување на платите со миниманата плата, која од минатиот месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.
„По повеќе од три часа би рекол тешки и макотрпни преговори со министерот за образование и наука, со министерот за труд и социјална политика, секако и премиерот од страната на Владата, а и ние за волја на вистината бевме појачани со нашиот претставник од Европската конфедерација на слободни синдикати извршивме сериозни анализи на нашите барања кои беа доставени до ресорните министерства од една страна и од друга страна аргументите на Владата и на министерставата во однос на нашите побарувања сепак се усогласивме со ставовите каде што во рамките на можностите на државата и во рамките на тоа што во овој момент може да се издвои за зголемување на платите во дејностите на детска заштита во основно и средно образование дојдовме до заеднички процент на зголемување на платите коешто би почнало од месец јули, најдоцна месец јули со завршувањето на Ребалансот и процесирање на средствата во трезорот“, изјави Неделков.
Претседателот на СОНК соопшти дека зголемувањето на платите на просветните работници ќе биде за 12 отсто.
„Се работи за процент од 12 на сегашните плати со додатоци кои следуваат врз основа на Законот за колективен договор“, додаде претседателот на СОНК Јаким Неделков