СОНК ќе продолжи со штрајкот, но само во училиштата, градинките ќе работат

„Од вкупно 480 синдикални организации, 388 се за продолжување на штрајкот од утре, а само 83 се за прекин. Најголем дел од нив, за прекин на штрајкот се синдикалните организации од детската заштита. Согласно на тоа, Советот на СОНК донесе одлука дека штрајкот продолжува, сѐ додека не се најде заедничко решение“, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков, по денешната седница на Советот на СОНК, на која се разговараше околу предлозите на Владата и вчерашните договори со владините претставници.

Синдикалните организации на градинките одлучиле штрајкот да се стави во мирување.

„Градинките ќе продолжат да работат со нормален интензитет, од аспект на дечињата, нивните родители и стопанството“, рече Неделков, кој најави голем масовен протест пред Владата на 4-ти мај. Тој подвлече дека Советот на СОНК жали за прекинот на наставата и за пропуштеното градиво, но дека истовремено бара и разбирање и поддршка од сите засегнати. Повтори дека пропуштената настава за учениците ќе се надополни.