Технички персонал, без соодветна лиценца, згрижува деца во охридските градинки, информира претседателката на Регионалниот одбор на СОНК за Охрид и Дебрца, Катерина Крстеска.
Ги повика инспекторите од Министерството за труд и социјална политика да влезат во градинка, да видат кој ги згрижува децата, дали тие лица имаат содветно образование, согласно Законот за детска заштита, дали имаат лиценци и дали се соодветни во време од штрајк да згрижуваат деца.
– Конкретно, во охридските градинки техничкиот персонал згрижува, прима, испраќа и ги храни децата, забележа Крстеска.
Директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” во Охрид, Ирина Милеска, потврди дека технички персонал помагал, бидејќи дел од вработените се во штрајк, но само кратко за остварување физиолошки потреби на воспитувачките и негувателките кои работат на згрижување на децата.
– Технички персонал помага, само доколку негувателот или воспитувачот има потреба од одење во тоалет, 10 до 15 минути. Дечињата ги примаат, чуваат и испраќаат лиценцирани негуватели и воспитувачи. Досега немаме никаков проблем. И јас како директор помагам, помага и администрацијата. Се тече како и претходно, децата се згрижени како и пред штрајкот, ниту едно дете не е вратено, изјави Милеска за МИА, посочувајќи дека немаат проблем ниту со штрајкувачите.
Состојбата со штрајкот во училиштата и градинките во Охрид и Дебрца, според претседателката на регионалниот одбор на СОНК, Крстеска, е стабилна. Штрајкувачите се на работа, но не извршуваа работни задачи. Таа го смета како притисок вчерашниот допис на Државниот инспекторат за труд во кој е пренесен Законот за работни односи и барањето списоци од штрајкувачите за да им се намали од плата.