Сообраќајот по Рајна сопрен, на Келн и Диселдорф им се закануваат поплави

Поради високиот водостој на Рајна, покраинските метрополи Келн и Диселдорф преземаат мерки за заштита од поплави, а речниот сообраќај по Рајна од Кобленц до Диузбург е целосно запрен, соопштија во неделата локалните власти.

Водостојот на Рана во понеделникот, како што соопшти градската управа на Келн, би можел да ја мине границата од 9 метри со што се заканува поплава на старото градско јадро околу познатата катедрала која е препознатливиот знак за овој германски град. Кејот покрај Рајна веќе е делумно поплавен. Во Диселдорф, пак, подготвени се 40.000 вреќи со песок за одбрана од евентуално излевање на Рајна.

Во саботата попладнето полицијата со патролни чамци спасила неколку шетачи кои останале отсечени на еден речен остров откако ги изненадил брзиот раст на водостојот. Ситуацијата е критична и со јужните притоки на Рајна, Мозел и Сар, но и на Дунав. Смирување на состојбата се очекува дури од вторник кога водостојот би требало полека да почне да се опаѓа.

Градот Келн во минатото често бил погаѓан од големи поплави, а последниот пат во 1995 година кога беше поплавено целото подрачје на стариот градски центар.