![tibet](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/08/tibet.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Најмалку 44 луѓе загинале и уште 11 се повредени во сообраќајна несреќа во планините на Тибет откако туристички автобус се урнал во провалија, соопштија локалните власти.
Според агенцијата Синхуа, несреќата се случила во попладневните часови во саботата по локално време во селото Нем во округот Ласа во кинеската Тибетска автономна област. Автобусот со туристите кој се движел по кинескиот национален автопат 318 се судрил со џип и со камионет а потоа паднал во бездната од височина од десет метри.
„Автобусот со 55 седишта во кој имало 50 луѓе, паднал во клисурата од 10 метри височина по судар со теренско возило и пикап“, се наведува во соопштението на регионалните власти на кое се повикува агенцијата. Покрај тоа, во судирот загинале пет лица кои биле во другите две возила. Причините за несреќата уште не се познати.
Повеќето од патниците во автобусот биле туристи од западните кинески провинции. Меѓу нив имало и странски државјани, но нивната припадност сѐ уште не е утврдена. Повредените се згрижени во болницата во Ласа.