Телевизиското соочување меѓу кандидатите за потпретседателската должност, актуелниот републикански потпретседател Мајк Пенс и демократската противкандидатка Камала Харис добива особено значење поради хоспитализирањето на републиканскиот претседател Доналд Трамп поради заразата со коронавирусот, оценува во понеделникот весникот The Wall Street Journal.
Ова телевизиско соочување на национално ниво, според процената на весникот, доби особено значење откако хоспитализирањето на претседателот ја истакна улогата на потпретседателот на САД и ги принуди штабовите на републиканците и демократите да ја преиспитаат својата стратегија за последната фаза од кампањата.
Мајк Пенс, според весникот, се подготвувал за телевизиската дебата во неговата резиденција во Вашингтон а му помагале поранешниот гувернер на сојузната држава Висконсин, Скот Вокер, кој беше негов советник и во кампањата за изборите во 2016 година, и Пем Бонди поранешна јавна обвинителка на Флорида. Камала Харис, пак, за дуелот се подготвувале на Универзитетот Хауард во Вашингтон и, според весникот, има намера да ја фокусира дебатата на прашањата за пандемијата и здравствените политики. Неа ѝ помагала група експерти кои претходно ја подготвуваа за телевизиските дебати неуспешната демократска претседателска кандидатка од 2016-та, Хилари Клинтон.
„Тоа ќе биде дебата без преседан, во годината без преседан“, изјавил за весникот политикологот Карен Фини, која во 2016-та година беше восок советник на Хилари Клинтон. Фини истакнала дека претстојното телевизиско соочувања на потпретседателските кандидати може да се смета за историска, бидејќи Харис е првата афроамериканка која се кандидира за оваа функција.
Предвидено е Мајк Пенс и Камала Хараси да се соочат на 7-ми октомври во телевизиската дебата на Универзитетот Јута. Деведесетминутниот телевизиски дуел ќе биде поделен на девет десетминутни сегменти, од кои секој ќе биде посветен на посебен проблем кој ќе го одреди модераторот.