Соосновачот на талибаните Барадар стаса во Кабул на разговори за формирање влада

Соосновачот на авганистанското радикалнмо исламистичко движење Талибан, мула Абдул Гани Барадар, пристигна во главниот град Кабул во саботата на разговори за формирање на новата „инклузивна“ влада во Авганистан, соопштија тамошни функционери.

Меѓу другите талибански лидери, во Кабул е забележан последните денови и Халил Хакани, водач на една од најдоброорганизираните и најопасни талибански мрежи, за кого САД распишаа потерница како еден од најопасните терористи и за негово апсење или ликвидирање нудат награда од 5 милиони долари.

Талибаните на социјалните медиуми објавија за средба на Хакани со Гулидин Хакматјар, поранешен жесток соперник во текот на бруталната граѓанска војна во текот на 1990-те години, но сѐ уште многу влијателен во авганистанската политика.

Неименуван висок талибански извор рекол за агенцијата AFP дека Барадар ќе се сретне со „џихадистичките водачи и политичари поради воспоставвуање на инклузивна влада“.

Барадат во Авганистан пристигнал минатата седмица од Катар, и слетал во вториот најголем град во земјата Кандахар, кој се смета за духовна колепка на талибанското движење.

Неколку часа по објавувањето за неговото пристигнување, движењето најави дека нивното владеење овојпат ќе биде „поинакво“. Талибаните рекоа дека сакаат нивната влада сега да биде „вклучива“, но не изнесоа многу поединости за тоа кој ќе биде сѐ вклучен во неа.

Барадар беше уапсен во Пакистан во 2010 година, и беше во затвор сѐ додека по протисоците од сојузниците во регионот, САД не го ослободија во 2018 година кога се премести во Катар. Беше именуван е за челник на политичката канцеларија на талибаните во Доха, каде го следеше потпишувањето на спогодбата којашто доведе до договорот за повлекување на странските сили по 20-годишната воена мисија во Авганистан.

Откако претседателот Ашраф Гани не ги прифати талибанските повици да се повлече од должноста, талибаните ги запреа преговорите со владата во Кабул за воспоставување траен мир, и за помалку од две седмици и речиси без борби ја прегазија земјата а минатата недела, исто така, без отпор го заземаа и главниот град.