Сопствена крипто валута и систем за плаќање најавува Facebook

Американската технолошка компанија „Facebook“ ги довршува плановите за пуштање во оптек на сопствена криптовалута и систем за дигитално плаќање во десетина земји до првиот квартал во следната 2020 година, пренесуваат во петокот британските медиуми.

Во „Facebook“ сакаат да создадат дигитална валута којашто на корисниците на најголемата социјална мрежа во светот ќе им овоможи ефтино и сигурно плаќање, без разлика на тоа дали имаат или не банкарска сметка.

Гигантот во секторот на социјалните медиуми сака до крајот на годинава да го започне тестирањето на криптовалутата интерно наречена GlobalCoin, пишува BBC. Се очекува дека поединостите од овие планови ќе бидат објавени летово.

Основачот на „Facebook“, Марк Цукерберг, уште во април разговарал со гувернерот на британската централна банка The Bank of England (BoE), Марк Карни, за ризиците и можностите кои со себе ги носи лансирањето дигитална валута.

Компанијата, исто така, преговара и со компаниите за трансфер на пари, вклучително и со „Western Union“, за да прецизираат што поевтини и побрзи начини на испраќање и примање на парите за граѓаните без банкарски сметки. Според написите, преговараат и со многу интернет трговци за да ги поттикнаt да ја прифатата валутата на „Facebook“, како средство за плаќање во замена за пониските трансакциски надоместоци.

Од „Facebook“ последните неколку години повеќепати предизвикуваа скандали со несоодветен однос кон личните податоци на корисниците, па оттаму се претпоставува дека регулаторите веројатно со извонредна претпазливост ќе го следат лансирањето на неговата криптовалута. На почетокот од мај американскиот Сенат и Комитетот за банкарство му напишаа отворено писмо на Цукерберг, во коешто го поставија прашањето како валутата ќе функционира, каква заштита ќе им понуди на потрошувачите, и како личните и други податоци ќе бидат заштитени. Претставниците на „Facebook“ веќе разговарале со американското министерство за финансии за процесот на проверка на идентитетот и намалување на ризикот од перење пари.

Компанија уште пред десет години ја креираше виртуелната валута Facebook Credits, којашто на корисниците им овозможуваше купување производи во апликациите на нејзината страница за колективно вмрежување. Проектот беше запрен по помалку од две години, бидејќи не привлече доволно корисници.