Сопствениците на Ливерпул продадоа пакет акции

Американските инвеститори „Fenway Sports Group“ (FSG), сопственици на Ливерпул од 2010 година, објавија во четвртокот дека продале малцински удел во „Црвените“ на американскиот фонд „Dynasty Equity“.

Приходите од оваа продажба ќе бидат искористени за намалување на долгот настанат во текот на кризата предизвикана од пандмијата на ковид-19, за финансирање инфраструктурни проекти, вклучително и реновирање на стадионот „Енфилд“, како и за зајакнување на позицијата на Ливерпул на фудбалскиот пазар.

Во соопштението за печатот на Ливерпул не е прецизирана сумата на трансакцијата, но на веб-страницата The Athletic е објавена сумата меѓу 100 и 200 милиони американски долари.

Сопственикот на „Fenway Sports Group“, Џон Хенри, минатиот февруари ги уверуваше навивачите дека клубот не е на продажба, но рече дека е отворен за „нови инвеститори доколку тоа е во најдобар интерес на клубот од Ливерпул“.

Покрај Ливерпул, FSG е сопственик и на бејзбол тимот на Бостон Ред Сокс и хокеарската франшиза Питсбург Пингвинс.