Сопствениците на Милан најавија изградба на нов стадион

Сопствениците на поранешниот европски фудбалски шампион Милан најавија изградба на нов стадион за да им овозможат на „Росонерите“ да се натпреваруваат рамноправно со елитните тимови на континентот, изјави во четвртокот нивниот врвен извршен директор Гери Кардинале.

Говорејќи на  лондонскиот Financial Times Business of Football Summitu Кардинале објави дека клубот ќе добие „нов дом од 70.000 седишта“.

„Тоа би требало да биде добро не само за Милан, треба да биде добро за Италија и Серија А“, изјави Кардинале.

Милан и градскиот ривал Интер веќе подолго време размислуваат да го напуштат историскиот стадион „Сан Сиро“, кој е во сопственост на локалните власти, и да изградат свои посебни стадиони на периферијата од градот.

„Ќе отворам компанија која ќе го гради овој стадион, а потоа искрено сакам таа компанија да гради стадиони и за сите други тимови во Серија А“, додаде основачот на инвестициската компанија „RedBird Capital“, која во 2022 година купи контролен пакет акции во Милан со договор вреден околу 1,2 милијарди евра.

Зборувајќи заедно со Кардинале, легендарниот Швеѓанец Златан Ибрахимовиќ рече дека „Сан Сиро“ носи „одлични спомени, но секогаш има нов почеток за сите“.

Ибрахимовиќ ја заврши играчката кариера во Милан во 2023 година и сега работи како виш советник на сопственикот на клубот.

Градските власти на Милан минатата седмица изјавија дека сакаат да видат дали можат да соработуваат со клубовите за евентуален реконструкција на „Сан Сиро“.

Милан седум пати беше европски првак, но последниот триумф беше во 2007 година.