Сопственикот на белградскиот сплав „Фристајлер“, кој почна да тоне на новогодишната ноќ неколку минути по полноќ, еден час пред инцидентот бил известен дека во објектот влегува вода, а при евакуацијата дошло до тепачка во која учествувало обезбедувањето на објектот што тонел.
Ова утрово го објави репортерката на ТВ Прва пред сплавот. Сепак, таа не го прецизираше изворот на оваа информација. Инаку, како што информираше таа, сплавот „Фристајлер“ не само што се движел наназад и уште повеќе се навалил, туку и го откорнал бетонскиот столб на кој бил прикачен, а ѓубрето веќе трет ден по ред се растегнува покрај брегот, додаде таа.
Сопственикот, директорот и управителот на сплавот „Фристајлер“ синоќа беа уапсени како виновници за овој инцидент, кој само од чиста среќа не заврши фатално. На нив им е одреден притвор до 48 часа, по што утре заедно со кривична пријава ќе бидат изведени во Третото основно јавно обвинителство во Белград и ќе бидат сослушани.
Репортерите на Телевизија Прва ја пренесоа и информацијата дека сопственикот бил известен еден час пред инцидентот дека водата почнала да навлегува во сплавот, како и дека обезбедувањето „тепало неколку луѓе кои сакале да си ги земат своите работи“.
„Имаше информација дека сопственикот бил известен дека водата почнала да навлегува во сплавот, но рекол дека нема потреба од грижи и дека сплавот не може да потоне иако на него има речиси два до три пати повеќе луѓе отколку што е пропишано“ изјави репортерката Милица Савиќ, известувајќи пред самиот сплав.