Замка од Kабинетот на Министерот за економија Крешник Бектеши му била поставена на уредникот на порталот Журнал, Беџет Муслију, кога пред околу три недели бил повикан на средба во споменатото министерство, за таму да му се појави градоначалникот на Кичево. На средбата и претходеле закани по објавениот напис на Журнал за расипничко трошење на средства од буџетот на општина Кичево. На средбата во Министерството за економија, над уредникот бил извршен притисок и бил принуден од страна на градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари да ислуша се’ што тој има да му каже.
Муслију за „Република“ го раскажа целиот случај, зад кој вели дека најверојатно стои министерот за економија Бектеши, кој исто така е од Кичево, а е со крајна цел медиумот во иднина да не го критикува градоначалникот Дехари.
– Пред околу три недели на нашиот портал беше објавена вест за тоа дека средства од буџетот на општина Кичево во вредност од околу 120.000 евра биле потрошени расипнички во рок од една година. По објавувањето на тој напис во повеќе наврати ни беа упатени телефонски закани од непознати броеви, вели Муслију.
– Кратко потоа јас бев повикан на средба во Министерството за економија, каде за 5-10 минути во просторијата каде што седев влезе токму градоначалникот на Кичево со уште еден човек во негова придружба. Тој ми се обрати со тон како да ме „фатил во нешто“, а јас веднаш сакав да ја напуштам просторијата. Потоа почна да ми зборува дека јас сум бил добар човек, сум имал добро семејство и би требало да си живеам мирно, по што следуваа и обвинувања дека тоа што било напишано за него било од некого порачано. Тоа во никој случај не е точно, а и по таа средба ниe продолживме да пишуваме текстови во кои се критикува работата на таа општина, како и на некои други теми, додава Муслију за „Република“.