Некои од блиските соработници во кампањата на американскиот претседател Џо Бајден се сретнаа со демократите во Сенатот во четвртокот за да се обидат да го олеснат растечкото противење на кандидатурата на Бајден во партијата, пред неговата прва самостојна прес-конференција по речиси осум месеци.
Кампањата на Бајден е на колена веќе две седмици откако 81-годишниот претседател со катастрофалниот настап во телевизското соочувањесо Доналд Трамп, 78-годишниот републикански ривал, покрена нов бран на загриженост за неговата возраст и менталниот капацитет. Ова се загрижености кои гласачите веќе подолго време ги изразуваат во анкетите на јавното мислење.
Во писмото до демократите, штабот на претседателот наведува дека дебатата не ја променила драматично трката и дека целат да ги придобијат неопределените гласачи со префрлање на фокусот на Трамп, „осудениот криминалец“ кој се соочува со уште две кривични обвиненија за навоен обиде да го поништи неговито пораз на изборите во 2020 година.
„Никој не негира дека дебатата беше неуспешна. Но Џо Бајден и оваа кампања веќе покажаа дека можат да ги надминат неуспесите“, се вели во писмото.
Влијателниот всник The New York Times, кој уште од изборите во 2016 година отворено застана против републиканецот Трамп, претходно седмицава објави дека некои долгогодишни советници на Бајден разгледуваат начини да го убедат да се откаже од својата кандидатура за реизбор.
Минатата и оваа седмица голем број демократски пратеници го повикаа американскиот претседател да ја прекине кампањата, истакнувајќи ја загриженоста дека не само што може да ја изгуби Белата куќа, туку и да ѝ наштети на изборите за партиската контрола врз двата дома на Конгресот.
Претставничката Хилари Шолтен од сојузната држава Мичиген се приклучи на бранот во четвртокот. „Тука не станува збор за минатото, туку за иднината. Време е да ја предадеме палката. Клучно е да имаме најсилен можен кандидат“, “напиша таа на социјалните мрежи..
Со тоа Шолтен стана десеттиот демократ во Претставничкиот дом кој апелираше до претседателот да се повлече од изборната трка. Демократскиот сенатор Питер Велч го упати истиот апел во средата вечерта.
Неколку високопозиционирани пратеници рекоа дека Бајден треба да остане во трката. Многу други, вклучително и поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, одбија да кажат дефинитивно дали тој треба да се повлече или да остане партиски избор.
Неколку главни соработници, вклучително и шефицата на кампањата на Бајден, Џен О’Мали Дилон, се сретнаа со демократските сенатори во обид да добијат поддршка во домот во кој и самиот беше демократски претставник од 1973 до 2009 година.
Сите со нетрпение чекаат 18:30 часот по локално време, или 30 минути по полноќ по средноевропско време, кога Бајден треба да биде достапен за да одговара на прашањата на новинарите акредитирани во Белата куќа. На својата прва официјална прес-конференција од ноември 2023 година, Бајден ќе мора да се осврне на широк спектар на теми, вклучително и веројатни прашања за тоа дали неговите лекари откриле знаци на неговиот ментален пад.