СОС Детско село додели признанија на најголемите донатори и поддржувачи во 2019 година

Годишниот настан, насловен како „Едно семејство“, се одржа под покровителство на г-а. Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Република Македонија. За неа изборот церемонијата да се одвива на 20 Декември ‒ Меѓународниот ден на солидарноста има голема симболика зашто благодарение на солидарноста и помагањето на институции, компании и поединци, СОС Детско село може да ја врши својата основна функција за грижа и поддршка на деца во ризик.

„Да им оддадеме признание на оние што несебично одвојуваат средства, време, енергија и придонесуваат кон остварувањето на мисијата на СОС Детско село. Лично  им благодарам и ги охрабрувам и понатаму несебично и безрезервно да помагаат, да бидат солидарни и великодушни. Сите ние сме едно семејство и секој член на нашето семејство заслужува да биде исполнет со радост и среќа“, рече г-а. Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Република Македонија.

На настанот се обрати и австрискиот амбасадор во Република Македонија, Георг Вуцас, кој потенцираше дека со поддршка на Детското село сите можеме да направиме разлика и најави дека оваа година приходите од Виенскиот бал, што се одржува на 14 март 2020 година во Скопје, ќе бидат посветени на Детско Село во  Македонија.
„За жал, се проценува дека на глобално ниво околу 220 милиони деца растат без соодветна грижа од родители. Ова не се само сирачиња или деца чии родители не се познати. А причините се разни и бројни, како што е сиромаштијата и особено екстремната сиромаштија, здравствените проблеми на родителите, воените опкружувања… “, рече австрискиот амбасадор во Република Северна Македонија, Георг Вуцас.

Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско село, рече дека го одбележуваат Меѓународниот ден на човечката солидарност и гласно им се заблагодаруваат на најголемите донатори и поддржувачи на работата и мисијата на СОС Детско село.
„Поддршка имаме јавниот сектор, локалните заедници, многу компании и индивидуалци. Сите тие се дел од нашето големо СОС Семејство кое веќе 18 години делува во правец, ниту едно дете да не расте само. Оваа година ни помогнаa да правиме позитивни промени во животите на близу 460 деца и млади без родителска грижа и социјален ризик и 250 социјално загрозени семејства. Благодарение на оваа поддршка ќе ја започнеме и следната година со нови проекти и иницијативи, сѐ со цел да овозможиме што е можно подобри услови за децата и младите од оваа најранлива категорија во нашето општество“, додаде Гапо.
СОС Детското село во изминатите 18 години обезбедува грижа за најмладите преку воспоставување на семеен модел за алтернативна грижа за деца. Но, грижата за децата продолжува и преку програми за социјална превенција со цел зајакнување на семејствата, обезбедување на можности и обуки за вработување на млади луѓе и слично. Првото СОС Детско село е формирано во Австрија во 1949 година.
Денес само во Австрија има 14 СОС Детски села и околу 572 низ целиот свет.