
Словачка во саботата потпиша договор со кој нејзините соседи членки на НАТО, Полска и Чешка ќе го надгледуваат нејзиниот воздушен простор, за владата во Братислава да може да ги расходува своите борбени авион „МиГ-29“ од советско производство, потенцијално ослободувајќи ги за Украина чијашто воена авијација се чини претрпела значителни загуби во руската инвазија.
Словачка претходно објави дека е подготвена да ги испорача своите 11 ловци од типот „МиГ-29“ во Украина, чијашто војска се потпира на оружје од советскиот и раниот постсоветски период. Украина повторно повика на дополнителни испораки на оружја од земјите членки на НАТО за да ги зголеми своите способноста да се спротистави на руската војска, и досега ги доби речиси сите стари залихи на земјите од поранешниот Варшавски пакт.
Словачкиот министер за одбрана Јарослав Над изјави за новинарите на аеромитинг во саботата дека Братислава и натаму е подготвена да ги испрати авионите во Украина, но дека сѐ уште не е постигнат договор со Киев.
„Постои политичка волја и има смисла да им се помогне на оние на коишто помошта им е потребна. Можноста е на масата, а кога ќе има договор ќе ве известиме“, рече Над.
Западните земји и нивните сојузници на истокот на Европа со големи суми пари, големи количества оружја и обука веќе осум години ја помагаат Украина, особено по почетокот на војната со Русија од крајот на февруари годинава.
Словачка, која има 5,4 милиони жители, на Украина веќе ѝ донираше систем за противвоздушна одбрана С-300 за кој руската војска рече дека бил уништен многу брзо по приемот на украинското боиште, како и воени хеликоптери од сериите „Ми“, самоодни хаубици и ракети за повеќецевните лансери на ракети од советски тип „Град“. Седмицава во Братислава рекоа и дека ќе испратат и 30 борбени возила.
Министерот Над, кој „МиГ“-овите ги процени на околу 300 милиони евра, рече дека Словачка бара одредена финансиска или материјална компензација за своите донации за да може да ја модернизира словачката армија.
Според договорот постигнат во саботата, Чешка и Полска ќе започнат со патролирањето во воздушниот простор на Словачка од септември, додека Братислава ја очекува испораката на 14 нови ловци „F-16“ од американско производство. Договорот за американските авиони е потпишан во 2018 година, а леталата би требало да бидат предадени во 2024 година.