![potroshuvachkata-koshnica-](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/01/potroshuvachkata-koshnica-.jpg?resize=640%2C354&ssl=1)
Најдоцна до крајот на месецов треба да биде готова новата методологија за пресметка на минималните трошоци на едно семејство, најави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Тој вечерва за телевизија „Сител“ изјави дека во министерството е одржан состанок, но дека ќе следуваат уште неколку, по што ќе се изработи новата методологија која ќе биде презентирана на седница на Економско-социјалниот совет.
Според Дурмиши, во синдикалната потрошувачка кошничка сега има производи кои не треба да бидат дел од основните животни, месечни трошоци.
-Вчера имавме состанок во министерството каде имаше претставници од министерствата за финансии и за земјоделство, од Царина, од Државниот завод за статистика и од Пазарниот инспекторат. Тоа беше прв состанок за да направиме нова методологија, како ќе ја мериме минималната потрошувачка кошничка, бидејќи во синдикалната има производи на кои не им е местото таму. Има производи кои не се трошат, а се ставени таму, како на пример нескафето и се земени цени од онлајн купување. Треба да се видат цените од три маркети и да се земе една просечна цена, рече Дурмиши.
За минималната плата за која во март треба да има усогласување, Дурмиши вели дека таа ќе биде зголемена согласно законот, а доколку синдикатите сакаат друга висина треба да се договорат со работодавачите. Владата ќе го поддржи тоа решение, но ќе мора да се видат и финансиските импликации.
Во однос на измените на Законот за недела – неработен ден, министерот вели дека на одредени дејности треба да им се дозволи да работат во недела, односно не целосно да се укине недела како неработен ден.