Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.289.820 лицa заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 70.625, а оздравеле 272.115 луѓе.
Црна Гора – Институтот за јавно здравје на Црна Гора соопшти дека вкупниот број заразени во земјата изнесува 223 лица, меѓу кои 37 деца. Најголем број заразени, 53, се на возраст преку 60 години. Меѓу заразените има 119 мажи и 104 жени. На болничко лекување се 37 лица, двајца починати и едно лице е излекувано. Под надзор се наоѓаат 6.644 лица.
Велика Британија – Во болниците во Велика Британија бројот на починати од коронавирус е зголемен за 403, на 4.897, соопшти денеска Националната здравствена служба. Како што се наведува, 15 од починатите немале други заболувања.
Велика Британија – Британскиот премиер Борис Џонсон е со „добар дух“ и имаше „удобна ноќ“ во болницата „Сент Томас“ во Лондон, соопшти Даунинг стрит. Џонсон „останува во болница на натамошно набљудување“ , изјави за Би-Би-Си неговиот портпарол. „Премиерот зборуваше со докторот и можеше да му потврди дека неговите симптоми остануваат присутни“, додаде тој. Портпаролот за симптомите кажа дека се „температура и кашлање“.
Швајцарија – Во Швајцарија вкупниот број заразени од коронавирус, според податоците на Ворлдмитерс (Worldometers) достигна до 21.282. Нови регистрирани случаи се 182. Истиот извор наведува дека во оваа земја уште 19 лица починале од Ковид-19, со што вкупниот број изнесува 734 лица. Бројот на пациенти излекувани од овој вирус во Швајцарија е 7.298.
Обединетите Арапски Емирати – Во Абу Даби, полицискиот час поради епидемијата на коронавирус сè уште трае од 20 часот до шест часот. Полицискиот час во Обединетите Арапски Емирати беше воведен на 26 март. Во ОАЕ досега се регистрирани 1.799 случаи на заразени со коронавирус, а десет лица починаа.
Иран – Во Иран бројот на починати како последица на новиот вирус Ковид-19 достигна 3.739 лица, соопшти Министерството за здравство во Техеран. Вкупниот број заразени во таа земја е 60.500 лица.