Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 3.248.685 лица. Од нив починале 229.399, а оздравеле 1.016.978 луѓе.
Загреб – Во Хрватска во последните 24 часа се потврдени 14 новозаболени од вирусот Ковид-19, со што вкупниот број достигна 2.076, а две лица починаа. Тестирани се вкупно 36.221, а во последените 24 часа 1.745. Од почетокот на пандемијата, во земјата од новиот коронавирус починаа 69 лица, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита.
Сараево – Владата на Босна и Херцеговина, поради ширењето на коронавирусот, ја продолжи забраната на патничките авиокомпании до јуни.
Во последните 24 часа во Босна и Херцеговина починаа четири лица како последица на Ковид-19, со што бројот на починати изнесува 69. Вкупниот број заразени во земјата достигна 1.718 лица.
Лондон – Во Велика Британија за едно деноноќие почина 391 лице, позитивни на вирусот Ковид-19. Вкупниот број пациенти кои починале од вирусот во болниците во Британија е 20.137. Еден од портпаролите на британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека би било погрешно доколку Велика Британија „го прокоцка“ тоа што досега е остварено во боробата против коронавирусот. Според него, јавноста не треба премногу да очекува од повторното разгледување на рестриктивните мерки, што е предвидено за следната недела.
– Ние не сакаме да ги ублажиме мерките на социјална дистанца, ниту, пак, да направиме нешто што ќе овозможи вирусот повторно да се шири експоненцијално, на чие спречување британската јавност има направено толку многу. Така и ќе продолжиме, рече портпаролот.
– Пабовите и рестораните во Велика Британија очекуваат пад на приходите од 50 проценти и откако повторно ќе бидат отворени, особено ако останат мерките за социјална оддалеченост.
Токио – Јапонија се подготвува да ја продолжи вонредната состојба околу еден месец, која првично требаше да биде укината на 6 мај, соопштија денеска владини извори.
Техеран – Во Иран во последните 24 часа од Ковид-19 почина 71 лице, со што вкупниот број жртви е поголем од 6.000, изјави портпаролот на Министерството за здравство, Киануш Јаханпур. Во Иран, земја која во Азија е една од најпогодените од вирусот, има 983 новозаболени, така што вкупниот број достигна речиси 95.000. Излекувани се 75.100 пациенти, додека околу 3.000 се наоѓаат во тешка состојба.