Состојбата на словачкиот премиер Фицо е стабилна, но сепак сериозна

Здравствената состојба на словачкиот премиер Роберт Фицо е стабилна, но сепак сериозна, изјави во саботата словачкиот министер за здравство.

Вицепремиерот на Словачка изјави дека е малку веројатно премиерот а биде префрлен во Братислава од малата градска болница но позната по најдобрите во земјата абдоминални хирурзи во Банска-Бистрица, каде што Фицо беше пренесен со хеликоптер по атентатот во блиската Хандлова, местото каде што во средата беше застрелан од непосредна близина.

Вицепремиерот Роберт Калинак на новинарите пред болницата во која се лекува Фицо изјави дека нема потреба формално да ги преземе службените должности на Фицо и дека има одредена комуникација со премиерот.

Фицо во петокот беше подложен на уште една операција која траела два часа, што ги зголемува надежите за негово закрепнување.

Нападот на словачкиот премиер ја шокираше и ја потресе цела Европа и предизвика загриженост за поларизираната политичка ситуација во земјата со 5,4 милиони жители.

Словачката полиција обвини маж идентификуван од обвинителството како Јурај Цинтула за обид за убиство. Локалните медиуми објавија дека тој бил 71-годишен поранешен чувар кој работел во трговски центар и автор на три збирки поезија.

Осомничениот за нападот на словачкиот премиер во саботата пред судот ја призна вината. Како што пренесуваат словачките медиуми, Цинтула во текот на денот бил донесен во Специјализираниот кривичен суд во Пежинок, со посебни безбедносни мерки, а ниту новинарите ниту јавноста не можеле да влезат во судските простории.

Во средата, по состанокот на владата, Цинутла неколкупати го застрела премиерот и тешко го рани.

Според портпаролката на судот, обвинителот бара притвор за обвинетиот поради можно бегство како и ризик од повторување на делото. Цинтула, кој беше уапсен веднаш по нападот, се соочува со обвинение за обид за убиство од прв степен од одмазда, кое предвидува казна од 25 години до доживотен затвор.

Според словачките власти, нападот бил политички мотивиран. Цинтула, наводно, учествувал на неколку антивладини протести и,како што самиот вели во една снимка веднаш по инцидентот, се спротиставувал на политиките на владата на Фицо во однос на реформите на јавнито радиодифузер, укинувањето на специјалното обвинителство кое го формираше претходната власт во Братислава, а во западните медиуми особено се потенцира неговата изјава дека се спротивставувал на прекинот на помошта за Украина. Интересно, од него самиот изречените мотиви се совпаѓаат со пишувањата на западните медиуми за причините за атентатот на Фицо објавени веднаш со извештаите за обидот за убиство на словачкиот премиер.