Состојбата на јужната македонска граница е стабилизирана

Состојбата со мигрантите во Гевгелија е вратена во нормала
Состојбата со мигрантите во Гевгелија е вратена во нормала

Состојбата на јужната македонска граница е стабилизирана и работите добро се менаџираат, пишува „Курир“.

Претходно медиумите информираа дека неколку стотици мигранти го пробиле полицискиот кордон и навлегле на македонска територија. Ситуацијата во моментов е под контрола.

Состојбата на јужната македонска граница е стабилизирана, фото: МИА
Состојбата на јужната македонска граница е стабилизирана, фото: МИА

Состојбата на јужната македонска граница е стабилизирана, a неконтролираното навлегување на мигрантите е резултат при пуштањето и групирањето на мигрантите.

Во моментов на железничката станица во Гевгелија има околу 1.000 мигранти кои ги чекаат возовите што треба да ги транспортираат до граничниот премин Табановце.

Се очекуваат да пристигнат и вонредни возови, а состојбата на терен се менаџира според предвиденото.

Oд Грција и понатаму пристигнуваат мигранти кои со автобуси организирано се носат кон границата со Македонија.

Македонските власти контролирано пропуштаат дел од мигрантите во согласност со можностите на државата за нивен хуман третман, а приоритет имаат ранливите групи, жени, деца и стари лица.

Портпаролот на МВР Иво Котевски изјави дека, за жал, фактичката состојба од грчка страна и натаму воопшто не се обезбедува од полицијата, иако станува збор за надворешна граница на ЕУ.

Ние остануваме единствената жива полициска сила која што ја обезбедува границата и како што и најавивме токму заради хуманиот третман продолжуваме селективно да пропуштаме лимитиран број на илегални мигранти кои што државата практично има капацитет соодветно хумано да ги третира. Ниту една земја барем досега не понудила никакво конкретно решение или да изрази намера лицата кои што се обидуваат од земја членка на ЕУ да влезат илегално во Македонија, не изразила намера да ги прими тие лица и евентуално со нас да се договорат мерки како тие лица би се транспортирале до таа земја членка на ЕУ, рече Котевски, пренесе МИА.

Во меѓувреме, денеска, на железничката станица Табановце околу 15 часот пристигна воз од Гевегелија со приближно 500 до 700 мигранти главно од земјите од Блискиот Исток и Северна Африка. Дел од нив, претежно семејства со мали деца, по кусиот одмор веднаш се упатија кон патчињата кои водат кон илегалните премини кон соседна Србија.

Непосредно до железничката станица Табановце, монтирани се неколку монтажни објекти за одмор.

Медицинска и хуманитарна помош за мигрантите

Медицинска и хуманитарна помош за мигрантите кои поминуваат на македонско-грчката граница даваат екипите на Црвениот крст на Македонија.

Слободан Митровиќ од Црвениот крст на Македонија вели дека мигрантите добиваат пакети со храна, вода и за итна медицинска помош.

Црвениот крст со медицинска и хуманитарна помош за мигрантите, фото: МИА
Црвениот крст со медицинска и хуманитарна помош за мигрантите, фото: МИА

Ние сме тука да им дадеме медицинска и хуманитарна помош, вели Митровиќ и додава дека дневно имаат меѓу 50 и 200 интервенции во зависност од големината на групата мигранти кои стигнуваат од Грција на железничката станица во Гевгелија, пренесува МИА.