Граѓаните во април од банките и штедилниците повлекле депозити во износ од 3,6 милијарди денари или 1,6 отсто од вкупните депозити, а Народната банка интервенираше на девизниот пазарот со 77 милиони евра. Состојбата која настана по шпекулациите за девалвација на денарот, деновиве се стабилизира, а се очекуваа таа да се врати во нормалните текови за две недели.
Ова го констатираа на денешната седница на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија на која беше присутен и гувернерот на НБРМ Димитар Богов кој ги информираше банкарите за мерките што ги презеде Централната банка во насока на нормализирање на состојбата.
Според гувенерот Богов оваа ситуација беше реален стрес тест на банките кои покажаа дека можат да го издржат овој удар, кој, како што рече беше силен, но дека високата ликвидност на банките и добрата капитализираност, како и високото ниво на девизни резерви релативно лесно се справија со овој предизвик.
– Опасност од девалвација немаше во ниту еден момент. Тоа беа шпекулации, но со мерките што ги преземавме сметам дека ја намаливме недовербата кај оние кои беа заведени од таквите шпекулации. Ситуацијата се нормализира, се уште побарувачката на менувачкиот пазар не е на нормални големини, но е многу блиску до нив и очекувам во наредните денови да се спушти на нормално ниво, рече Богов.
Истакна дека секој ден има се помал и помал притисок и очекува во наредните денови таа целосно да се нормализира и оти може да се разгледа повторно враќање на каматната стапка на ниво соодветно на дадениот момент.
Важно според него е што овој пат, за разлика од кризите во 2001 и 2008 и 2009, година, девизите кои се повлечени се задржани во земјава, односно се повлечени во банкарските сефови за што има зголемено побарување во последниот период или, како што посочи, под перници.
Засега банкарите не размислуваат за зголемување на каматите на кредитите, но се прават анализи, а како што рече претседателот на Здружението Коста Митровски банките во моментов повеќе размислуваат да воведат денарски депозит со поатрактивна каматна стапка.
– Веќе има тенденција на враќање на парите во банките и креирање нови депозити, рече Митровски кој апелираше до штедачите кои ги повлекле депозитите да ги вратат бидејќи парите се најсигурни во банките и да не се доведат во ситуација да бидат мета на кражба.