Совет на Европа го потврдува Мицкоски, Бугарија не ги почитува малцинските права

Политичката нестабилност во Бугарија има директни негативни последици врз имплементацијата на правата на малцинствата во земјата. И покрај одредени чекори коишто ги презема земјата, не може да се забележи значителен напредок во спроведувањето на препораките за да се обезбеди ефективен пристап до правата на малцинствата содржани во Рамковна конвенција, се наведува во најновиот извештај на Советодавниот комитет на Советот на Европа во однос на заштитата на правата на малцинствата во Бугарија, пренесува Дојче веле. 

„Со оглед на тоа што Бугарија има сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарските малцинства во странство, истите напори не можат да се забележат во земјата. Генерално, постои забележителен недостаток на свест за малцинските права како составен дел на човековите права“, се наведува во извештајот. 

Не се спроведуваат препораките 

Во него се критикува дека не се направени напори за спроведување на голем број долгогодишни препораки во врска со ваквите прашања како принципот на слободна самоидентификација, поддршка за унапредување и заштита на малцинските права, вклучително и јазичните права, како и потребата да се обезбеди целосна еднаквост на сите што живеат во Бугарија, како и општествена интеграција.

„Лицата кои се идентификуваат како Македонци продолжуваат да бараат заштита според Рамковната конвенција, но властите не признаваат постоење на објективни критериуми, што им отежнува остварување на индивидуалните права. Нивните обиди за регистрација на здруженија не успеаја. Исто така, Помаците изразија желба за заштита, но властите не ги признаваат нивните самоидентификациони критериуми“, се наведува во извештајот, а пренсува ДВ.

Во документот се упатуваат препораки до бугарските власти да ги усогласат своите активности со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Притоа се нотира дека се потребни повеќе активности од властите во голем број сфери поврзани со правата на потребни се лица кои припаѓаат на националните малцинства. 

Принцип на еднаквост 

Комитетот порачува дека правата на малцинствата и нивната ефективна реализација мора да бидат приоритет за властите. Тој укажува дека е важно да се следи практичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци и Помаци и да се примени принципот на еднаквост и еднаков пристап до правата, како и на промовирање на меѓусебно почитување и разбирање, особено во образованието, културата и медиумите.

Во извештајот се наведува дека според пописот од 2021 година, Турците претставуваат најголемо малцинство во Бугарија со 8,4% од населението, по што следуваат Ромите (4,4%). Според резултатите, 14.870 лица се самоидентификувале како Помаци, 14.218 како Руси, 5.306 како Ерменци, 2.071 лице како Каракачијани, 1.643 како Власи, 1.625 како Грци, 1.153 како Евреи и
1.143 како Македонци.

Претставниците на одредени национални малцинства ги оспоруваат резултатите од пописот од 2021 година и сметаат дека реалните бројки на нивното соодветно малцинство се значително повисоки од прикажаните во резултатите од пописот.

„Лицата кои се идентификуваат како Македонци известиле за обиди од властите да ги обесхрабрат во нивната самоидентификација. Пријавени се и инциденти за време на јавни настани и пречки во организирање протести. Учесниците во истражувањето забележуваат дека свеста за малцинските права во бугарското општество е на ниско ниво“, се вели во извештајот.

Во извештајот се нотира и дека Европскиот суд за човекови права во 12 случаи против Бугарија утврдил повреди на член 11  во однос на слободата на собирање и слобода на здружување на организациите на Македонците во Бугарија.