Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов ги одби сите амандмани за Буџетот за 2021

Советот на Град Скопје на маратонска седница која траеше од 11 часот вчера до 5 часот утрово го разгледа и донесе Буџетот на Град Скопје за 2021 година во износ од 7,2 милијарди денари. Советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа 75 амандмани на Буџетот користејќи го своето деловничко право, но ниту еден од амандманите не беше прифатен, велат советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците, велат дека, чувствуваат потреба да ја информираат јавноста за содржината на поголем дел од поднесените амандмани, изработени и поднесени имајќи ги во предвид проблемите со кои се соочуваат скопјани.

Во продолжение сите предлози на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

– Во делот на подобрување на градската инфраструктура советниците побараа и реконструкција на ул. 380 и 356 од семафорот на ул. Џон Кенеди до семафорот кај Американската амбасада, реконструкција на ул. Хаџи Јован Шишков во општина Шуто Оризари, Реконструирање на дел од улицата Александар Урдаревски од страната која го поврзува делот на влезот на Шуто Оризари до градските гробишта на АД Бутел, средства за изградба и реконстукција на Бул. Никола Карев од клучката кај Момин Поток до ул. Словенечка, понатаму средства за изградба на последна фаза на Бул. Борис Трајковски, за проширување и реконструкција на мостот на Маркова река на влез на Драчево, но сите овие амандмани беа одбиени – велат советниците.

Советниците поднесоа и амандман и за реализација на ветениот проект на градоначалникот за „Пробивањето на булеварот „Илинденска“, со мост над реката Вардар, кон „Ѓорче Петров“, како едно од позначајните ветувања за поврзување на граѓаните на општина Ѓорче Петров со Карпош со изградба на мост на реката Вардар и поврзување со булеварот Илинден, но и овој амандмани не беше прифатен.

– Амандмански беше предложено и изградба на кружен тек кај мостот кон Сарај и изработка на проектна документација за изградба на пристапен пат, расчистување на просторот и поставување на урбана оперема кај излетничко место “Кривина“ на реката Треска кои исто така беа одбиени. Во однос на подобрување на состојбата со животната средина особено со амбиенталниот воздух во главниот град, советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата побараа во Буџетот да се предвидат средства за подобрување на состојбата со загадувањето во градот Скопје со цел поставување на т.н „зелени ѕидови” во средните училишта и ученичките домови,а еден зелен ѕид да може да замени 275 вистински дрвја и да може да неутрализира и над 200 тони на јаглерод диоксид годишно. Понатаму како мерка против загадувањето се предложи да се доделат средства за реализација на проект за субвенции за поставување филтри на оџаците на домаќинствата во Скопје, проект кој би помогнал градот Скопје навистина да биде зелена престолнина и да придонесе значително во намалување на последиците од загадуввањето со ПМ честичките, а со тоа да се зголеми квалитетот на живот во неа и заштитата на здравјето на граѓаните.

Како мерка за заштита на животната средина беше побарано и субвенции за приклучување на системот за централно парно греење на сите исклучени граѓани, потоа Субвенции за печки на пелети, беше предложено да се изработи Студија за алтернативни решенија за замена на старите такси возила со нови хибридни или електрични возила, субвенции за фотоволтаични сочеви панели за производство на електрична енергија за индивидуални и колективни објекти за домување, понатаму да се направи Анализа на водата и испитување на квалитативните карактеристики на ресурсите на Кадина река, Патишка река и извор Врело. Предложено со амандман беше и Изработка на проект Расадник да стане зелена оаза на градот Скопје, потоа Студија за барање на алтернатива за техничка вода за полевање со анализи на постоечко старо бунарско подрачје во Драчево и други проекти кои градоначалникот ги одби и не покажа слух за истите – велат советниците.

Поради густиот сообраќај и фрекфенцијата на граѓани како и поради локацијата на Меѓуградската Автобуска Станица и Железничката Станица беше предложено да се постави нова мерна станица која ќе го мониторира квалитетот на амбиенталниот воздух во општината Аеродром која е секогаш на врвот на општини со најзагаден воздух, а при тоа со најголем процент на младо население, но и овој амандман беше одбиен и не е приоритет во градењето на градските политики за чист воздух. Набавка на инструмент за мерење на квалитетот на воздухот беше побаран и во општината Шуто Оризари.

Во услови на пандемија од ковид -19 советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесе амандман со кој побара обезбедување високо ниво на хигиенско-санитарни услови во средните училишта на територијата на Градот Скопје, како и помош во обезбедување ИТ-опрема, компјутери и интернет-пристап за професорите и учениците на кои им е потребна, со цел непречено одвивање на он лајн наставата.

Бидејќи за време на корона кризата младите не се доволно активни беа побарани субвенции на средношколци од Прва година средно образование за рекреативен спорт пливање во отворени и затворени базени.

Во делот на културата, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата побараа средства за организирање на „Театар/ Т Фест “со цел на сценатада заблескаат најпосетените театарски хитови од Скопските Театри и Театрите од внатрешноста, со што квалитетно би се збогатил културниот живот на нашите граѓани.

За жителите општина Шуто Оризари, советничката група побара нов културен дом каде ќе се овозможи младите да имаат пристап до различни културни содржини како што се драмски, ликовни и музички секции како и останати други различни културни манифестации како и изградба на библиотека во Шуто Оризари.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предложи и амандамни за реализација на проекти за родова еднаквост, како пто беше предлогот за меѓуопштинска соработка со општина Шуто Оризари за воспоставување на советувалиште за жртви; советувалиште за сторители и други услуги за превенција од родово базирано насилство и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и жртвите на семејното насилство согласно Законот за социјалната заштита.

Советниците предложија и субвенции за сите занаетчии во градот Скопје, за набавка потребни алати и репроматеријали за занаети во изумирање.

За фудбалскиот клуб „Вардар“ беше предложен амандман со кој се побара финансиска помош со цел поддршка на спортот во градот Скопје, но истиот беше одбиен од градоначалникот Шилегов.

За најмладите беше побарано да се реализира проект за изградба на Забавен парк каде дечињата би имале простор да се рекреираат, но и овој проект беше одбиен – се вели во изестуањето од советниците.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата до доцна во ноќта ги образложуваа амандманите и изразуваат жалење што ниту еден од овие значајни проекти за скопјани нема да се реализира во наредната 2021 година, како резултат на немањето слух и неприфаќањето од страна на Шилегов.