Советниците не ги изгласаа субвенциите за ЈСП, градскиот превоз во колапс

Со 22 гласа „за“, ниту еден глас „против“ и 11 „воздржани“, денеска на вонредната седница на Град Скопје не беше изгласана одлуката за субвенционирање на ЈСП со 11 милиони евра.

За да се изгласа одлуката недостигаше само еден глас, бидејќи за да биде изгласана одлуката потребни се 23 гласа.

– Одлуката за давање субвенции не е донесена. Со тоа дневниот ред на седницата е исцрпен – кажа претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.

Ова значи дека ќе продолжи протестот на вработените во ЈСП Скопје и автобусите нема да излезат од гаражите на претпријатието.

Ваквата одлука предизивка бурни реакции кај вработените во ЈСП и кај членови на синдикатите.

По завршувањето на седницата настана расправија во собраниската сала кога Африм Муча, претставник на еден од синдикатите, ги замоли советниците да му кажат со што да ги нахрани своите деца.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно одлучија да тераат инает со граѓаните. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно одлучија да ги остават вработените во ЈСП Скопје без плата а граѓаните на градот Скопје без превоз, се вели во испратеното соопштение од Град Скопје.

„ВМРО-ДПМНЕ се деструктивна партија која нема слух за потребите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје се изживува со луѓето без грам совест и без грам одговорност. Ова е скандалозно, непринципиелно и нечовечки“, додаваат од Град Скопје.