Истакнатиот советник за национална безбедност на претендентот за Белата куќа, Доналд Трамп, изјави во вторникот дека доколку поранешниот претседател се врати на власт, ќе се заложи за промени во НАТО коишто би можеле да додведат до тоа некои земји членки да го изгубат правото на колективната заштита од напад доколку не издвојуваат според договорот на Алијансата за сопствениот одбранбен сектор.
Џозеф Кит Келог, пензиониран генерал-полковник и поранешен шеф на кабинетот на Советот за национална безбедност во мандатот на Доналд Трамп, изјави во интервју за Reuters дека доколку некоја членка на НАТО не издвојува најмалку 2 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната, како што е договорено во 2014 година по долгото инсистирање на тогашниот американски претседател Барак Обама, би поддржал таа да нема право на колективна заштита врз основа на членот 5 од Северноатлантската повелба.
„Онаму од каде што јас доаѓам, сојузништвата се важни. Меѓутоа, доколку сакате да бидете дел од сојуз, продонесете во сојузот, бидете дел од сојузот“, вели Келог кој беше советник за национална безбедност и на поранешниот потпретседател Мајк Пенс.
Трамп на политички митинг минатиот викенд ги возбуди духовите од двете страни на Атлантикот порачувајќи дека под негово водство САД не би ги бранеле сојузниците во НАТО кои не издвојуваат доволно за одбраната и, како што беше пренесено, дури и би ја поттикнал Русија да ги нападне.
Келог не сакал да каже дали за својот предлог раговорал со Трамп, иако вели дека често разговарале за иднината на НАТО.
Трамп, како што покажуваат анкетите, има големи изгледи да ја добие републиканската номинација за претседателските избори на 5-ти ноември, а и има предност врз актуелниот претседател Џо Бајден, кој е најверојатен претседателски кандидат на Демократската партија.
Келог во разговорот вели и дека доколку Трамп победи на претседателските избори, веројатно ќе предложи состанок на НАТО во јуни 2025 година на кој би се разговарало за иднината на Алијансата.
Вели дека НАТО би можел да стане „сојуз со повеќе категории“ на членство во кој некои држави би уживале поголема заштита, во прв ред од САД, во согласност со нивното почитување на основачките одредби на НАТО.