Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, денеска на својот профил на Фејсбук напиша дека вчера добил закани по живот, но порача дека тие нема да го исплашат, ниту да го поколебат.
„Вчера добив директна закана, цитирам: ако продолжиш вака ќе ти се скрши вратот.
Ова го истакна советникот во општина Бутел претставник на политичката партија Алтернатива, на вчерашната седница на Советот, читаше од некој друг напишано писмо па ми се обрати на таков начин.
Од како го прашав што тоа значи, почна да ретерира дека било метафора.
Тој истиот советник кој вчера едвај го прочита од друг напишаното писмо, веќе година ипол од мене бара работи кои се исклучително поврзани со негови лични потреби и за неговото најблиско семејство. Секако дека имам докази за истакнатото и секако дека не добил ништо од тоа што побарал за личен интерес. Од човек кој гледа лична корист сега наеднаш стана бранител на албанските интереси и тоа на исклучително лажен начин со манипулации.
Советниче, како и вчера така и денес да ти порачам тебе, и на сите останати кои се закануваат од позади тастатура, сте ја утнале адресата, вашите закани се смешни и кукавички, односно далеку од чин кој му прилега на маж.
Закани, провокации и останати нецивилизирани постапки кај мене ниту поминале до сега, ниту некогаш ќе поминат. Стравот не постои како опција во мојот ментален склоп. Убеден сум дека тоа ви е кристално јасно.
Криминалци, бандити, насилници и слично, за мене биле и ќе останат најдолниот човечки ред, тие истите пред година ипол ги оставивме општината да ја гледаат од публика. Така ќе биде и следниот мандат.
Гледам дека ДУИ/Соравија особено се вознемири, најверојатно затоа што во мене го немаат претходниот градоначалник па со тоа не можат да рекетираат, изнудуваат и да прават што сакаат во општината. Морате да разберете дека доколку продолжите лажно да обвинувате за национализам, сигурно и наредниот мандат ќе бидете само публика, повторно ќе ме молите за средба, и повторно ќе ве победиме сите на куп, но овој пат уште посилно.
ДУИ/Соравија место да се занимава со манипулации и да си го лаже својот народ, до сега во овие 20 години нивна власт, требаше да им донесе вода на жителите од Љуботен, но тоа не е нивен приоритет, ниту па се способни тоа да го направат, тоа ќе го направиме јас и ВМРО-ДПМНЕ.
На локалните избори победив со огромна поддршка, тоа значи и огромна одговорност према граѓаните на Општина Бутел. Граѓанските интереси се мој врвен приоритет, општината се развива подеднакво во сите населени места, без разлика на вера и нација, а најмалку без разлика на политичка припадност. Работам и таму каде што добив најмалку гласови.
Токму тоа ве боли, тоа што во Општина Бутел за година ипол се сработи како за десетина наназат, тоа што Бутел брзински се менува и тоа што граѓаните тоа сериозно го препознаваат овој начин на работа. До крајот на мандатот не очекуваат голем број капитални и помали проекти кои од како ке бидат реализирани, Општина Бутел ќе биде сосема поинакво место за живеење од она што го познаваме од претходно.
Не го залажувајте чесниот народ, тој сака просперитет и поквалитетна иднина за своите деца, не лаги и активности за ситни политички поени. Јас сум градоначалник на сите граѓани, тоа и ќе останам“, порача Костовски.