Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, Џејк Саливан ќе го посети подоцна во петокот претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас во Рамала на Западниот брег, дознава агенцијата Reuters oд американски функционер.
Официјалниот претставник, кој барал да остане анонимен, доцна вечерта во четвртокот рекол дека советникот Саливан ќе разговара за „тековните напори за обновување и ревитализација“ на Палестинската самоуправа и повикување на „екстремистичките“ (израелски) доселеници одговорни за насилството врз Палестинците.
Саливан во четвртокот рече дека управувањето со двете палестински енклави, Западниот брег и со Појасот Газа, треба да се поврзе во рамките на обновената палестинска администрација.
Во изјави за израелскиот телевизиски канал Channel 12, исто така, рече дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за преминувањето на Израел од воените операции со висок интензитет во Појасот Газа на попрецизна фаза.
Саливан одби да даде поединости или временска рамка, но разговорот со Нетанјаху го карактеризираше како конструктивен и рече дека постои „широк степен на конвергенција“ за стратешките цели и неопходните чекори.
Палестинците последните години, а особено по почетокот на војната на 7-ми октомври, го истакнуваат големиот пораст на напади од страна на израелски нелегални оселеници на окупираниот Западен брег, кои имаат заштита од израелската војска.
Белата куќа соопшти дека разговорите на Саливан во регионот, исто така, се фокусирале на продолжување на хуманитарната пауза во борбите за да се овозможи ослободување на повеќе израелски заложници држени од Хамас во Газа.